Дали е Path of Exile добра замена за Diablo?

Diablo 3. Скриншот од играта.

И двете игри Diablo 3 и Path of Exile  се многу слични, но сепак различни. Додека Path of Exile е бесплатна за играње, а Diablo 3 на пример е „buy to play” (се купува еднаш и се игра без месечни претплати), достапноста е многу битен фактор.

Иако Diablo 3 изгледа подобро и е детално сработена, сепак е прекратка игра во однос на Path of Exile, којашто има многу повеќе содржина. Дрвото со скилови на Path of Exile е воодушевувачко и огромно, особено затоа што секој лик може да се игра како ќе одлучите да му редите таленти. Додека во Diablo 3 скиловите се поограничени и самите билдови не се прекомплицирани како на Path of Exile, сепак и за двете треба да користите упатства. Најдобриот сајт за билдови за Diablo 3 е Icy-veins.com додека за билдовите за Path of Exile подобро е ако се научат од YouTube. 

Најавата и снимките од Path of Exile 2 која е сè уште во изработка изгледаше многу добро, особено поради тоа што преку „двојката” може да се отклучат работи за „единицата“.

Path of Exile. Фото: Скриншот

За разлика од Diablo, каде што секој дел е посебен сам за себе.

Исто така има снимки од Diablo 4, којашто е во изработка и изгледа многу добро, но и двете игри изгледаат како да им е ставен сив филтер. Секако, беше најавена и верзијата за мобилен телефон на Diablo Immortal, којашто не е воопшто лоша и ќе биде бесплатна. А во подготовка е и римејкот на Diablo 2 Resurrected, што во основа е Diablo 2 со подобра графика и подобро вмрежување и може уште сега да се нарача. Но набиените цени во однос на фактот дека за Path of Exile не се плаќа ништо, претставува огромна разлика.

Path of Exile почна од неодамна да воведува сезони, исто како во Diablo 3. Сезоните во Diablo 3 се играат така што се почнува сосема нов лик од левел 1 и играте да соберете што повеќе опрема, затоа што повеќето играчи добиваат бустови до левел 70 од пријатели, па и од непознати – затоа што тоа трае околу 15 минути и не е проблем да се направи. Исто така има бустање (зајакнување на ликот) за опрема каде треба само да преживеете и да си соберете опрема додека бустерот ја чисти патеката за вас. Секоја сезона има различна рамка за портрет, нов мини-пет (мини-петовите во Diablo 3 го собираат златото што „дропа” за вас). Тоа се некои моменти што воедно ја убрзуваат и расипуваат играта.

Сличен момент кај Path of Exile е тоа што во последните нивоа од играта дропаат голем број легендарни оружја, исто како и во Diablo 3, и ковчегот каде се чува опрема се преполнува со легендарни оружја и оклопи и во двете игри. Додека во Diablo 3 не можете директно да ги разменувате со други играчи (освен ако не се стекнати ајтемите во иста група, инаку може) во Path of Exile на самиот Глобален чат се нудат многу бесплатни легендарни оружја и оклопи, а тоа се ајтеми што им се вишок на играчите и наместо да ги уништат, ги даваат и на почетници и на тие што навлегле во играта. Тоа исто така ја расипува прогресијата во играта.

Инаку, Path of Exile повеќе се игра соло одошто во група, додека за Diablo 3 полесно се групираат играчите за заеднички да играат. Додека Path of Exile може да делува одбивно одвреме-навреме, бидејќи има грозни патеки и непријатели, а Diablo 3, колку и да е извикана дека е лоша, всушност не е толку лоша и атмосферата е подобра поради квалитетната продукција. 

Додека за Diablo 3 се плаќа за експанзиите, од кои едната е прекратка а другата само отклучување на Некромансер плус проширување на ковчегот со два нови таба и нема содржина освен ликот, Path of Exile нуди неколку експанзии сосема бесплатно.  

Дали е Path of Exile добра замена за Diablo? И да и не. А причините се изнесени погоре. Кога би бирале помеѓу овие две игри, најдобро е да се одберат и двете.