Промотивно видео за ФБИ објавено од директорот Каш Пател изгледа дека е направено со вештачка интелигенција за да генерира кратки клипови речиси идентични со оние од култниот музички спот на Бисти бојс за нивната песна „Саботажа“ од 1994 година, пренесува „НПР“.

Пател го објави видеото во понеделникот на платформата X, во објава за напорите на ФБИ да се справи со „масовна измама“. Видеото, кое трае околу две минути, користи инструментална верзија од песната „Sabotage“, заедно со снимки речиси идентични на оригиналниот спот, измешани со она што изгледа како автентични снимки од агенти на ФБИ во акција. До вторникот, видеото имаше околу пола милион прегледи.

Анализа на NPR покажува дека најмалку шест клипови во видеото на ФБИ се реконструкции кадар-по-кадар од сцени во оригиналниот спот „Sabotage“, кој беше режиран од Спајк Џоунз. Клипoвите прикажуваат возила, луѓе и објекти кои се неверојатно слични на оригиналното видео, но со мали разлики кои веројатно се резултат на генерирање со вештачка интелигенција.

На пример, во една сцена каде автомобил се врти, решетки се јасно видливи на некои прозорци во оригиналот, но недостасуваат во верзијата на ФБИ. Друга сцена прикажува лице со мегафон како скока од покрив на покрив, со телефонски линии во позадина. Линиите и нечистотијата на зградата се совпаѓаат речиси идентично со видеото од 1994 година, снимено пред повеќе од 30 години. Во еден кадар, една од телефонските линии изгледа како да поминува низ главата на ликот, вид на грешка што често се јавува кај видеа генерирани со вештачка интелигенција.

Претставници на Спајк Џоунз и Бисти бојс не одговориле на барањето на NPR за коментар. Исто така, ФБИ не одговорило на барањето за повеќе информации за видеото и начинот на кој е направено.

Независни експерти кои го прегледале видеото за NPR се согласиле дека клиповите најверојатно се генерирани со вештачка интелигенција. „Изгледа многу веројатно дека е направено со вештачка интелигенција,“ изјави Колина Колтаи, истражувач во групата за онлајн истраги Bellingcat, во е-пошта за NPR. „Дури може да се забележат и некои типични грешки на вештачката интелигенција.“