fbpx

Далеку сме од енергетска ефикасност, некои граѓани немаат бања и кујна во домовите [инфографик]

-

Енергетската ефикасност и производството на електрична енергија од сончеви колектори се неостварлива реалност за најголем дел од македонските домови, а дел од граѓаните во земјава се соочуваат со проблем за задоволување на најосновните животни потреби од минатиот век – вода за пиење, канализација и струја. Државниот завод за статистика (ДЗС) го објави најновиот сет на податоци добиени од пописот што се спроведе во земјава минатата година.

Од вкупно 839.174 станови, во дури 34.277 станови во индивидуални куќи или колективни згради нема водоводна инсталација. Наспроти 91,4 отсто од македонските домаќинства кои користат вода за пиење од јавен водовод, останатите 8,6 отсто од домаќинствата се снаоѓаат со користење на чешми по дворовите, бунари, јавни чешми, цистерни или користат вода за пиење од шишиња.

Во поглед на основните услови на живот, минатогодишниот попис покажа дека 7,2 отсто од становите во земјава, или 60.807 вкупно на број, немаат систем за канализација, односно не се приклучени на јавната канализациона мрежа или на сопствени септички јами.

Дури 8,2 отсто од македонските домови, односно 68.865 станови, воопшто немаат тоалет, додека 57.287 станови не поседуваат кујна, покажуваат резултатите од пописот. Речиси 9 отсто од живеалиштата немаат бања во самиот стан или надвор од него.

Во дваесет и првиот век, од вкупно 839.174 станови во Македонија, 37.409 или 4,5 отсто од домовите во земјава, немаат инсталација за електрична енергија.

Резултатите од пописот посочуваат и на загрижувачки податоци за користењето на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност кај објектите во земјава.

Ланскиот попис покажа дека од вкупно 533.659 згради, само 182.274 објекти имаат изведена енергетски ефикасна фасада која што овозможува заштеда во потрошувачката на енергија, што претставува 34,2 отсто од вкупниот број на згради. Најголемиот дел од нив, односно 65,8 отсто од објектите во Македонија, немаат енергетски ефикасна фасада.

Во поглед на користењето на сончевата енергија за производство на струја, само 88.491 индивидуални куќи и станови во колективни згради имаат инсталација за соларни колектори, или скромни 11,1 отсто од станбените единици во земјава. Наспроти ова, резултатите од минатогодишниот попис велат дека 88,9 отсто од македонските домови воопшто немаат инсталација за соларни колектори.

Дополнително, кај 4.774 станови постои неопходната инсталација за производство на електрична енергија од сонцето, но граѓаните не ја користат за производство на струја.

Статистичките податоци од пописот покажуваат и дека најголемиот дел од становите во земјава не се климатизирани, ниту пак имаат инсталација за парно греење. Дури 599.334 станови немаат инсталација за парно греење, што претставува 71,4 отсто од вкупниот број на домови. Единствено 101.579 станови се поврзани на јавна мрежа за парно греење, односно скромни 12,1 отсто од живеалиштата. Воедно, 545.831 стан немаат климатизација или мнозински 65 отсто од вкупниот број домови.

Инаку, податоците за условите во кои живеат македонските граѓани се објавени од Државниот завод за статистика во согласност со Програмата за објавување и дисеминација на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите  во Република Северна Македонија, 2021 година. Денеска е објавен четвртиот сет на податоци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...