Извор на фотографија: Влада на РСМ

Албанија воспостави задолжителен двонеделен карантин, од 20 април до 3 мај, за Северна Македонија и Грција. Ова беше најстрогата рестриктивна мерка на Албанија кон соседните земји од почетокот на пандемијата ковид-19. Додека туристичкиот сектор ги претрпе најштетните последици од оваа одлука, познавачите на епидемиолошката состојба изразуваат различни ставови за истата, пишува Порталб.мк.

На 3 мај  истече одлуката за двонеделен карантин за сите што ќе влезат во Албанија од Северна Македонија. Одлуката на Комитетот на експерти во Албанија, за двонеделен карантин за сите кои ќе влезат од Северна Македонија и Грција,стапи на сила на 20 април и како што изјавија властите, со мерката Албанија ќе се заштити од соседните земји кои имаа голем број нови случаи со ковид-19.

Од почетокот на справувањето со пандемијата ковид-19, најстрогата рестриктивна одлука од соседна Албанија беше донесена во време кога бројот на дневни случаи на ковид-19 во Северна Македонија започна да се намалува, иако подолго време бројот на нови случаи на ковид-19 во Северна Македонија беше многу голем.

Колку беше ефикасен двонеделниот карантин од страна на Албанија?

Познавачите на епидемиолошката состојба изразуваат различни ставови при проценката на одлуката на албанските власти да воведат двонеделен карантин за соседните земји.

Инфектологот Гзим Нуредин, проценува дека одлуката на Албанија да воведе карантинска мерка била неопходна, иако малку задоцнета. Според него, таквата мерка требало да се преземе порано кога во Северна Македонија бројот на пријавени на лица заразени со ковид-19, на дневна основа, бил голем.

„Мислам дека во ситуации кога имаме пораст на бројот на нови случаи со пандемична болест нормално дека одлуката ќе биде таква и дури мислам дека беше и задоцнета, односно можеа да се одлучат порано да воспостават карантин“, изјави Нуредини, инфектолог и координатор на ковид-центарот во Тетово.

Во меѓувреме, Ерион Дашо, епидемиолог и директор за здравство и иновации во Франкфурт за „Порталб.мк“ изјави дека одлуката повеќе била политичка отколку епидемиолошка.

„Мое мислење, како експерт, е дека оваа мерка не беше наметната од епидемиолошката состојба. Тоа беше потег од политичка природа. Мерката имаше за цел да ги спречи албанските граѓани кои живеат во Северна Македонија или Грција да гласаат на изборите на 25 април. Ниту епидемиолошката состојба ниту ситуацијата во двете земји ја оправдува таквата мерка“, рече Дашо.

Дашо објасни дека одлуката ќе беше оправдана доколку се превземеа конкретни мерки за спречување на ширењето на новите варијанти на вирусот, земајќи ги како пример рестриктивните мерки на земјите на ЕУ за сите оние лица што влегуваат кај нив.

„Мое лично мислење е дека сите земји треба да преземат мерки за да спречат влегување на нови варијанти на вирусот, особено оние што се појавија во Индија, Јужна Африка и Бразил. Во овие услови, оправдано е, како и повеќето европски земји, и балканските земји да имаат политика со која ќе се бара ПЦР тестирање и неколку дневен карантин. Фактот дека мерката беше укината по две недели, кога пидемиолошката состојба и во Македонија и во Грција не претрпеа суштински промени, покажува дека оваа мерка беше од политичка природа и дека целта била да се спречат албанските гласачи да гласаат на изборите на 25 април “, изјави Ерион Дашо за Порталб.мк.

Одлуката на Албанија за двонеделен карантин за граѓаните на Северна Македонија ја критикуваше Васил Стерјовски, македонски пратеник во албанскиот парламент.

Стерјовски изјави дека одлуката е избрзана и погрешна, бидејќи бројот на заразени со ковид-19 во Македонија веќе се намалува. Стерјовски дури нагласи дека одлуката ќе им наштети на луѓето кои патуваат во соседните земји за работа или други потреби. Од Преспа и Општина Пустец секој ден во Македонија, доаѓаат и си одат повеќе од 300 жители и за нив оваа работа е единствениот приход.

Двонеделниот карантин откажа стотици резервации од Северна Македонија

Одлуката не се покажа воопшто ефективна за деловните субјекти и економиите на двете земји.

Туристичките агенции во Северна Македонија не сакаат да ја коментираат одлуката на албанските власти за воведување на двонеделен карантин, иако сакаат да имаат отворени граници за да можат да работат. Поради карантин, само една туристичка агенција од Северна Македонија мораше да откаже околу 150 резервации за Ксамил.

„Ние сакаме отворени граници за да можеме да работиме. Одлуката не беше на место за оние туристички агенции што резервирале хотели во Албанија по повод Велигден и Први мај. Имавме околу 150 патници кои мораа да останат во Ксамил за време на празничниот период. Сепак, поради карантин, бевме принудени да ја откажеме организацијата, голем број клиенти ги одложија резервациите за 24 мај, додека други ги откажаа резервациите и моравме да ги вратиме парите “, изјави Теодора Борисављевиќ, од туристичката агенција „Идеал Превоз“.

Од друга страна, сопственици на хотели во Северна Македонија изјавија за локалните медиуми дека и тие биле погодени од одлуката на Албанија. Задолжителниот двонеделен карантин за сите кои влегуваат во Албанија од Северна Македонија, натера многу граѓани од соседна Албанија да се откажат од своите планови и резервации во Македонија. Како резултат, многу хотелски резервации во Македонија, главно во Струга и Охрид беа откажани.