„Да се заштитиме од кражби“ е превентивниот проект што СВР од Охрид почна да го реализира преку велосипедската полициска патрола и оделението за превенција.
– Целта е подобрување на општата безбедносна состојба, но и навремена превенција на граѓаните од сите безбедносни ризици поврзани со кражби по плажи, во куќи и во станови, кражби од возила, кражби во згодна прилика и други имотни деликти – информираше портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.
Во рамките на проектот, полициските службеници велосипедисти се во постојана комуникација со граѓаните во централното градско подрачје, а особено на плажите, со угостителите, како и со одговорните на паркиралиштата.
Спречете дрска кражба, внимавајте на паричникот, чувајте го мобилниот, заштитете го вашиот автомобил, се само дел од предупредувањата и од советите што полицајците велосипедисти им ги пренесуваат на туристите по плажите, делејќи им едукативни летоци.
Велосипедската полициска патрола е активно вклучена и во репресивните мерки насочени кон реализација на кражби, спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и приведување на сторители на разни казнени дела по плажите и на паркиралиштата, како и во централното градско подрачје.
Велосипедистите полицајци се вклучени и во реализација на мерките за одржување на јавниот ред и мир.