Во С. Македонија постои ниско присуство на жените и родовите прашања во медиумското известување и во платеното политичко рекламирање. Ова е еден од главните заклучоци истакнато на денешната дискусија на тркалезна маса на тема „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн медиумите” што се одржа во „Холидеј Ин“.

Наодите од истражувањето насловено како  „Жените на онлајн порталите – Врската помеѓу родовата еднаквост и јавното финансирање на партиите“ ги презентираше Татјана Хилшер Богушевиќ, меѓународна експертка за демократски избори и за род, заедно со Билјана Бејкова, експертка за медиуми и за род. Настанот поттикна конструктивен дијалог за зголемена застапеност на жените во онлајн медиумите/интернет порталите за време на изборната кампања.

„Во тек е процес на подготовка на нов кодекс на новинарите под покровителство на ЗНМ и тоа е можност за подобрување на вклучувањето и урамнотежената родова застапеност. Сметам дека новинарите и сите вклучени во тој процес потемелно ова да го обработат ова прашање. Низ дискусија, ќе има доволно време да се најдат најсоодветни решенија и да се оди малку подлабоко од она што сега го има во кодексот. Потребно е новинарите да обезбедат правична и еднаква застапеност на жените без стереотипи и предрасуди, да користат родово сензитивен јазик во известувањето во медиумите и да избегнуваат сензационализам и двојна виктимизација“, смета Бојкова.

На дискусијата се зборуваше и за Законот за медиуми, за кој е започнат процес на измени. Тој треба да е целосно усогласен за да ги вклучи интернет порталите, а истовремено да се усогласи со другите закони. Според експертките, треба да се обезбеди посилна заштита за жените и девојчињата, како и адресирање на родовата дискриминација и стереотипите во медиумските содржини.

Според експертките за медиуми и род, потребно е да се подобри законодавството за родова еднаквост, односно да се интегрираат родово чувствителните медиумски практики и да се појасни улогата на политичките партии и медиумите во промоцијата на родовата вклученост и балансираното родово претставување. Освен тоа, потребно е и зајакнување на основата за фер застапеност на жените во јавниот и политичкиот дискурс.

Марина Трајкова, соработничката за чоекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кажа дека во поглед на платеното полтиичко рекламирање, тие прават о=мониторинг само на телевизиите и радијата, но не и на интернет порталите.

„Мисам дека најголемиот проблем е во партиите. Медиумите пробуваат да вклучат жени во известувањето за изборите, но партиите се тие кои го диктираат темпото. Ако медиум сака да повика соговорничка во емисија, партијата кажува кој ќе оди на емисија, дали жена или маж. Во поглед на државно политичко финансирање, АВМУ има одредени забелешки. Некои медиуми добиваат пари за таа намена, но не објавуваат платено политичко рекламирање. Ние имаме ингеренции да влеземе во содржината само ако има појава на малолетници, бидејќи тоа со закон е забрането. И тогаш можеме да им кажеме дека тој дел од рекламата каде што има малолетници, треба да биде отстранет. Мора да има закон за да постапиме“, рече Трајкова.

Денешниот настан се одржа во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Во дискусијата учествуваа претставници од институциите, граѓанските организации кои зборуваа како да се подобри медиумското покривање за време на изборниот период и како да се поддржи родовата еднаквост и инклузивноста во изборното покривање на онлајн медиумите/интернет порталите.

Според најновото истражување на Фондација Метаморфозис, во коe беше спроведен мониторинг на покривањето на парламентарните избори во 2024 на информативните интернет портали во Северна Македонија, забележано е ниско присуство на жените и родовите прашања во медиумското известување и во платеното политичко рекламирање, нешто што може да се промени со одредени законски регулативи.

Неодамна беа презентирани овие наоди во рамки на конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, организирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) во соработка со Фондација Метаморфозис, а поддржана од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO) на Владата на Обединетото Кралство. Истражувањето се состоело од мониторинг на 32 онлајн портали, 11 политички партии и преку 2.600 платени банери, во периодот од 15 април до 10 мај 2024 година.