Да се укинат субвенциите за мали хидроцентрали, а реките да останат слободни

Патишка река, една од локациите во земјава каде што е изградена мала хидроелектрана; Фото: Мета.мк

Не нѝ требаат стандарди за рибни патеки, туку реките да ни останат слободни, апелира Анес Ахмети од село Жировница, кој заедно со своите сограѓани веќе неколку години се бори да не се изградат мали хидроцентрали на Жировничка река. Субвенциите кои ги привлекуваат инвеститорите кон овие енергетски објекти мора да бидат укинати, бара и Ивица Аврамоски од село Локвица, кој е сведок на еколошката катастрофа која, по изградбата на мала хидроелектрана, се случува на Крапска река.

Тие денеска ги споделија искуствата на нивните локални заедници од влијанието на изградбата и работата на овие енергетски објекти врз животната средина во која работат и живеат, на панел-дискусијата „Заробени реки“, како дел од кампања за заштита на реките и речните водотеци од малите хидроцентрали, во организација на „Еко свест“. На настанот беше промовиран и краткометражниот документарен филм „Заробени реки“ во кој се документирани сведоштва на луѓе во чија околина се изградени три мали хидроцентрали на Маркова река, Брајчинска река и Крапска река.

Фото: Еко свест

Во земјава веќе се реализирани 98, а планирани се уште педесетина мали хидроцентрали. Една од нив е и таа на Крапска река, за која Аврамоски вели дека населението дознало дека е планирана кога градежната механизација се појавила во селото и почнала да копа. Резултат на тоа, денеска се недостатоците на вода за Локвица и Вир, за кои, вели, допрва им претстои борба со институциите да ги надминат.

„Првиот знак дека нешто што се работи не е во ред е тајноста. Општината останала глува и не го заштитила интересот на граѓаните, не го информирале Министерството за животна средина дека на локацијата каде е планирана малата хидроцентрала постои водоснабдителен систем. Бевме во шок и неверување кога дознавме што се случува. Сега сме сведоци на еколошка катастрофа, минатото лето 40 дена немавме капка вода“, раскажува Аврамоски.

Енергетските објекти на Жировничка река не се изградени. Спречени се со активности на населението, зад кое застанала и општината Маврово Ростуша која ги одземала дозволите и Националниот парк „Маврово“. Тие очекуваат Владата повеќе да не издава дозволи за изградба на мали хидроцентрали, а Општината да остане на ставот дека не дава дозвола за градба.

„Ако треба реката ќе ја браниме и со жив ѕид. Не смее да има никави објекти каде што има чиста и питка вода. Неа ќе ја има сè помалку, а ние сакаме да ја уништуваме“, вели Ахмети.

Според Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“, климатската криза и колапсот на еко системите се реалноста во која живееме, на кои им се надоврзуваат и пандемијата на Ковид-19 и најновата војна. Свесноста за сето она што луѓето и го прават на планетата се зголемува, но тоа очигледно не е е доволно.

„Земјите од Западен Балкан впишаа над 3.000 хидроенергетски проекти во своите планови. Тие се предвидени како обновливи извори на енергија, но не се и одржливи. Тие можат да значат почеток на крајот на балканските реки кои ги знаеме како уникатни. Луѓето се одговорни за пад на 70 проценти на популацијата во слатководните еко системи. Дали е ова навистина зелениот развој што го очекувавме“, прашува Чоловиќ- Лешоска.

Минатата година Државниот инспекторат за животна средина решил два случаи по пријава за мали хидроелектрани на Маркова и Кадина река. Во првиот случај на Маркова река, водостопански инспектор издал решение за забрана за работа заради тоа што инвеститорот го затрпал коритото и оневозможил протокот на риби. На Кадина река, пак, била изградена преграда за некој да си произведува струја.

„Во случајот со Маркова река инвеститорот е задолжен да го расчисти коритото, а во моментов во тек е и постапка за спогодување за казната која може да дојде и до 20.000 евра. На Кадина река, пак, лицето доби обврска да расчисти и да обезбеди проток на вода. Во контролата инспекторите констатирале дека не завршил со чистење па го казниле со 600 евра. Бидејќи не ја платил ниту казната сега се води прекршочна постапка“, вели директорот на Инспекторатот, Сретен Стојковски.

Тој уште еднаш ги повтори старите маки на оваа институција, недоволната екипираност со кадар, но и со средства за работа.

„Имаме двајца водостопански инспектори и ниедно теренско возило. Ако одиме на проверка на непристапен терен, како во случајот со малите хидроцентрали, возило ни даваат инвеститорите, на кои им се најавуваме, па бидејќи знаат за контролите можат и да се подготват и да си ги прикријат недостатоците“, вели Стојковски.

Штетите од малите хидроцентрали се големи. Ставањето на водите во цевка остава суви речни корита, го загрозува биодиверзитетот и опстанокот на акватичните и ендемски видови. Изградбата на патиштата предизвикува сеча на шумите, ерозија на земјиштето, а се јавува и криволов. Губи природата, но и локалните заедници.

„Причина за тоа се стимулирањето на изградбата со субвенциите и гарантираниот откуп на енергијата. Едно од решенијата е итно укинување на овие повластувања. Од друга страна, недостасуваат и подзаконски акти со кои се регулира методологијата за мерење на протокот на вода и можноста за сертифицирање лаборатории за мерење за протокот на вода. Дефиниран е еколошкиот проток на вода и обврската да се уредуваат рибни патеки, но и за тоа се потребни правилници“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.