Да се спроведат сите мерки од локалните еколошки планови на општините, бара Граѓанскиот инспекциски совет

Аерозагадувањето во Скопје. Фото: Архива на Мета.мк

Да се спроведуваат сите мерки кои се утврдени во локалните еколошки планови на општините, инспекциите да се постојано на терен, а загадувачите на воздухот да се откриваат во реално време и да добијат казна, да запре насилната урбанизација и уништувањето на зеленилото, а институциите конечно да дадат одговори колкав е соодносот и уделот во аерозагадувањето на индустријата, домаќинствата и сообраќајот, се дел од барањата и заклучоците кои произлегоа од јавната дебата „Како да се намали загадувањето на воздухот?“ организирана од Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС).

Татјана Стојановска, еколошки активист и советничка во Советот на Општина Карпош, посочи дека оваа скопска општина, иако е една од најзагадените, има само еден инспектор за животна средина, а ниту еден градежен. Голем дел од загадувањето на воздухот е од горење кабли покрај кејот на Вардар, а заради тоа контролите се задоценти, и сторителите не се откриваат и не се казнети.

„Во Карпош нема загадувачка индустрија, само помали загадувачи, но има многу депонии што мора да се исчистат, како и да се зазеленат. Мора да се реализираат програмите, да се имплементира ЛЕАП-от, општината да дава повисоки субвенции за тротинети и велосипеди, но и да се поттикне зазеленувањето, особено на државното земјиште, кое се гледа само како потенцијал за градење, но не и за садење“, вели Стојановска.

Општината Центар е еден пример на невидена експанзија на градење, каде зелените површини постојано се губат и ги заменуваат згради, паркинзи и асфалт. Во овие услови, според Јане Димески, од иницијативата Шанса за Центар и советник во општината, нема можности за намалување на загадувањето на воздухот.

„Повеќе од 10 години се дискутира за оваа тема, сите политички субјекти ја вметнуваат во своите програми за избори, но и покрај тоа не е мрдната од декларативно ниво. Општината има одличен ЛЕАП, но документот само постои, а ништо не е спроведено. Напротив, за десет години во Центар се изградиле десет катни гаражи и ниту еден парк“, вели Димески.

Според Горјан Јовановски, творец на апликацијата AirCare и актуелен советик во Советот на Скопје, градењето на мрежа на сензори низ сите општини ќе даде подетална слика за изворите на загадување.

Тетово е еден од примерите за аерозагадување, град кој со години беше светски рекордер во концентрации на ПМ честички. Слично е и со Битола, градот каде што работи енергетскиот капацитет РЕК, каде се употребуваат фосилни горива за производство на електрична енергија. Еден од најзагадените градови во земјава е и Струмица, единствениот град кој минатиот месец имаше трицифрена просечна вредност на ПМ честичките. Намалувањето на загадувањето на воздухот, според Каја Шукова, државен секретар во Министерство за животна средина, е долг процес кој трае 10-20 години, но треба да се одвива континуирано. Во него државата и локалните самоуправи треба да разменуваат информации и да работат заеднички.

„Донесен е Национален план за заштита на воздухот, документ кој има сет мерки и за централно и локално ниво. Покрај тоа, Програмата за намалување на аерозагадувањето се спроведува три години по ред и имаше влијание на повеќе општини да го сменат начинот на затоплување во јавните објекти“, вели Шукова.

Според Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје, инспекторите се организирани да дежураат на терен и за викенд и ноќе, особено сега кога имаме засилени контроли во инсталациите.

„Буџетот ни е зголемен на 1,2 милиони денари, а имаме и договор со акредитирана лабораторија. За два месеци направени се над 20 вонредни мерења преку ненајавени посети во капацитетите“, вели Богдановски.