Добро организиран и квалитетен образовен и здравствен систем, праведна држава со нулта толеранција за корупцијата, социјална држава во која помошта оди на вистинското место. Ова се прашањата што учениците од повеќе средни училишта од Валандово, Гевгелија, Велес и Скопје ги отворија во рамки на денешната посета на Владата, што ја организираше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Како што е наведено во владиното соопштение, во рамките на проектот Граѓанско учество, кој се реализира со поддршка на УСАИД, во однос на антикорупциските политики учениците од средните училишта оцениле дека во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) треба да се утврди потеклото на имот на носителите на јавни функции, но и на судиите и на обвинителите, за да се утврди дали некој преку злоупотреба на функцијата се стекнал со поголем имот.
Учениците исто така побарале брзи и ефикасни реформи во здравството, кои ќе опфатат акциски план со конкретно утврдени рокови, но и инвестиции во медицинска опрема. Во однос на образованието учениците сметаат дека мора да се отстранат сите политички влијанија од сите структури, бидејќи тоа на крај негативно се одразува врз учениците и врз наставниот кадар.
„Отворено беше разговарано за прашањата за интегритет, добро владеење, младински активизам, антикорупциски политики, дигитализација, но и за сите предизвици со кои се соочуваат младите и во текот на образованието, но и потоа во процесот на дефинирање на нивната професионална иднина“, наведено е во соопштението.
Вицепремиерката Грковска и средношколците симулирале владина седница на која учениците во улога на членови на Владата разговарале за најгорливите прашања во државата, но истовремено нуделе и решенија.
„Овие активности со УСАИД, кои се поврзани со интегритетот и со доброто владеење, се многу важни. Како држава мора да создадеме систем на интегритет кој ќе се создава и унапредува од најмали години“, наведено е во соопштението.
Прашањето на интегритет е прашање на вредности, па затоа кампањата што ја реализира кабинетот на Грковска, е под наслов „Зависи од мене и тебе“.
По посетата на Владата, вицепремиерката Грковска за групата средношколци организираше и неформално дружење и отворено разговараа за предизвиците со кои се соочуваат младите, за плановите после завршувањето на средното образование, но и за начинот на кој може да се подобрат можностите во нашата држава, за младите својата иднина да ја градат тука.