Да престане субвенционирањето на јагленот е прв услов за успешно справување со климатските предизвици

Фото: ДИЖС

Да не се стимулира, ниту субвенционира користењето на јагленот како гориво, да се зголемува енергијата од обновливи извори, а гасот да не се смета за добро транзиционо решение, бидејќи е фосилно гориво. Тоа се дел од заклучоците за климатската визија за Македонија кои се дискутираа на конференцијата „Визија и цели за справување со промените во климата 2030/2050“, организирана во рамките на Националната конференција за климатски промени.

Зацртаните цели од Парискиот договор за ограничување на зголемувањето на температурата под 1,5 степени како и намалување на емисиите на стакленичките гасови за 7,6 отсто годишно, треба да се постигнат со поголемо вклучување на науката, а помало на политиката. Давиде Сабадин од Европското биро за животна средина, смета дека е неопхопдно да се запре финансирањето на фосилните горива, бидејќи се додека за нив има некоја субвенција или државна помош, тоа ќе ја забавува декарбонизацијата.

„Потребно е да се мотивираат приватните инвестиции во зелена насока, да се декарбонизира греењето и ладењето на домаќинствата со соодветни субвенции, да се земат во предвид принципите на циркуларната економија и да нема субвенции на фосилни горива. Мора да постои механизам за прилагодување на карбонската граница, а промената што ќе се направи да не биде на трошок на најранливите категории односно домаќинствата, бидејќи нема никогаш да се заврши“, посочи Сабадин.

Според Виктор Беришај од CAN, земјите од Западниот Балкан имаат потреба од трансформација на регионот и доближување со целите на Европската Унија, што го потврдија со Зелената агенда со која се обврзаа да ги декарбонизираат земјите до 2050 година.

„Во процесот на ограничување на количеството на емитерите на стакленички гасови и намалување на употребата на јагленот треба да се согледа и заканата од употребата на гасот, што како фосилно гориво не е долгорочно решение. Дополнително, во земјите на Западен Балкан каде што и нема развиена инфраструктура за гас, може да создаде ризик од инвестиции во нешто што нема да може долгорочно да се користи. Сите земји од регионот треба да ги затворат термоцентралите на јаглен, конкретно и Македонија РЕК Битола, а треба да се работи на одржлив план и алтернативи во кои нема гас. Не постои нешто како транзициско фосилно гориво, или си дел од проблемот или од решението“, посочи Беришај.

Во целиот процес на справување со климатскиот предизвик, посочува тој, треба да се работи и на ограничување на побарувачката на енергија и нејзино паметно користење, како и регионални акции и соработка на зголемување на енергијата добиена од обновливи извори. Особено е важно овие земји да престанат со вложување на парите од даночните обврзници во фосилни горива, со што тие само се одржуваaт во живот, а не се ограничуваат.

Во Македонија, конкретно, најголемиот дел од емисиите доаѓаат од секторот енергија, но забележително растат и од секторите отпад и транспорт, а најмногу влијаат на квалитетот на храната, водата, здравјето и биодиверзитетот.

Според Елена Николовска од „Еко-свест“, во своите заложби за нивно ограничување, земјава веќе ја усвои Стратегијата за енергетија, која го предвидува напуштањето на јагленот како енергенс, но го предвидува и гасот како транзиционен енергенс. Предвидена е и транзиција на „Осломеј“, каде што треба да се инсталираат 120 мегавати соларна електрана на местото на некогашниот рудник, како и затворање на РЕК Битола.

„Во тек е изработката на Националниот план за енергија и клима, кој го следи зеленето сценарио и е амбициозен. Предвидува зголемување на обновливите извори на енергија до 38 отсто до 2030 година, напуштање на јагленот до 2028 година, зголемување на енергетската ефикасност до 34,5 отсто, а една од мерките која ја предвидува е и праведната транзиција“, посочи Николовска.

Во моментов се работи и на Нацрт верзиите на Законот и Стратегијата за климатска акција за кои следуваат јавните расправи идниот месец. Она што граѓанските организации го бараат од институциите во просецот со справувањето со климатските промени, според Николовска, се повисоките цели во намалувањето на емисиите, учество во пакетот политики за клима, инвестиции во иновативни технологии, зголемена транспарентност и друго.