Денеска започнува изградбата на Меморијален парк за жртвите од пожарот во модуларната болница – Тетово, во знак на трајно сеќавање и почит кон загинатите во овој трагичен настан. По тој повод, министерот за здравство Азир Алиу ќе го означи почетокот на изградбата на паркот. Од Иницијативата „НУЛА!“ предупредуваат политичарите да не го користат ова за прибирање политички поени пред локалните избори.

„Ја поздравуваме одлуката на општина Тетово и Министерството за здравство, за прифаќање на нивното барање за изградба на јавен спомен-парк на просторот каде што се случи трагедијата во модуларната болница во Тетово. Овој парк треба да претставува простор на сеќавање и размислување, во чест на 14  жртви, во знак на поддршка за нивните семејства што сè уште бараат правда, и како потсетник за едно општество што одбива да заборави. Сепак, денешниот јавен настап за најавувавње на изградба на мемориалниот парк, организирана преку прес-конференција од страна на министерот за здравство г. Алиу, заменик-претседателот на Владата Фетаи и градоначалникот на Општина Тетово Касами, одржана само два месеци пред локалните избори, предизвикува сериозни сомнежи во однос на вистинските политички намери зад ова соопштение. Ако оваа активност има за цел да искористи една трагедија за политички поени, тоа би било целосно неприфатливо и длабоко недостојно – особено кога станува збор за трагедија што остави зад себе длабока болка, недоверба кај граѓаните и семејства што сè уште не ја виделе вистинската правда“, наведено е во соопштението од Иницијативата.

Оттаму велат дека ќе продолжат будно да го следат процесот на реализација на овој спомен-парк и ќе бараат целосни гаранции за неговата суштинска вредност, институционален интегритет и достојно почитување на жртвите – далеку од секаква политичка калкулација и исклучиво во функција на вистината и правдата што недостасува веќе четири години.