fbpx

Д-р Румена Филипова: Олигарсите во Бугарија се главни медиумски контролори и дезинформатори

-

Д-р Румена Филипова има докторат по меѓународни односи на универзитетот Оксфорд, каде и магистрирала, а факултетската диплома ја стекнала на универзитетот Кембриџ. Предавала на Оксфорд, а била гостин-експерт и на центарот Карнеги Москва, Полскиот Институт за меѓународни прашања, Чатам Хаус и голем број други меѓународни институти и тинк-тенкови.

Сега е истражувач во бугарскиот „Центар за проучување на демократијата“, кој е интердисциплинарна организација посветена на демократијата и пазарната економија. Покрај многуте други трудови и проекти на кои работела, д-р Румена Филипова заедно со нејзиниот колега д-р Тодор Галев е автор на анализата „Russian Influence in the Media Sectors of the Black Sea Countries: Tools, Narratives and Policy Options for Building Resilience“ (Руското влијание во медиумските сектори на Црноморските земји: Алатки, наративи и политички опции за градење отпорност), во која се проучува рускиот наратив, односно дезинформациите и неправилните информации, и нивното пренесување во медиумите во балканските земји. Како што се вели во погореспоменатиот труд, меѓу многуте чекори на официјална Москва за нова, пост-Студена војна, е и интензивното користење на медиумската пропаганда и дезинформациите.

Долга низа години работите на проучување на руското влијание и надворешно политичките маневри на Русија, а „медиумската војна“ што таа ја води ја истражувавте и во анализата што ја подготвивте со вашиот колега Галев. Кои се главните сознанија за ширењето на рускиот наратив во балканските Црноморски земји?

– Студијата го истражува распространувањето на руските пропагандистички наративи во Бугарија, Украина, Грузија, Ерменија и Молдавија помеѓу 2015 и 2017 година, со посебен фокус на трите најистакнати теми на дезинформации произлезени од Кремљ, вклучувајќи ја војната во Сирија, големите енергетски проекти и вмешувања во избори. Главните сознанија кои произлегоа од истражувањето е дека шемите на сопственост, економска зависност и (не)формалните политички врски на медиумите со про-руските групи и интереси, во земјите за кои истражувавме се рефлектираат во соодветни трендови на примена на пропагандни наративи што произлегуваат од Русија. Односно, генерално земено, колку e поголемa политичко-економската вплетканост на медиумот со руските интереси, толку поверно и попресликувачки се изнесува содржината на рускиот наратив, а и толку помалку се присутни аналитички варијации и национално-ориентирани перспективи и толку поотворено навивачки е стилот на известување. Се разбира, посебните одлики на националните медиумски пејсажи во секоја од петте земји дополнително ја засилуваат или сузбиваат руската пропаганда, создавајќи специфични дискурси за развоите на настаните сврзани со Русија.

Дали идентификувавте кои медиуми се најгласни преносители на рускиот наратив?

– Резултатите на студијата покажаа дека најгласни и најупорни – и, впрочем, најзлонамерни, преносители што ги протуркуваат руските наративи се локални олигарси и мрежи на олигарси кои се финансиски и политички поврзани со Русија. Овие олигархиски преносители (формално или неформално) ја контролираат уредувачката политика и сопственичките структури на влијателните национални медиуми. Освен тоа, со „одгледувањето“ голема заедница на создавачи на содржини и на преносители на такви содржини, лојални на Кремљ или зависни од него (како малите и средните по големина новински сајтови, новинари, блогери, креирачи на ставови на социјалните мрежи) го гарантиа силното распространување на пораките од Русија. Јасно е дека медиумите што се директна сопственост на руската влада и оние што пренесуваат содржини од нив се најтврдите канали на пропагандата.

Каква е состојбата, според вашите согледувања, со бугарските медиуми/медиумите на бугарски јазик во тој поглед?

– Генералната медиумска сцена во Бугарија мина низ значителна трансформација, посебно во изминатава деценија, карактеризирана со пад кај печатените медиуми, пораст на онлајн-медиумите, остар пад на новинарските стандарди и промена на сопственичките шеми. Што се однесува до последново, севкупните последици од дигитализацијата и финансиската и економска криза од 2008 година доведе до повлекување на странските инвеститори, а нивното место беше завземено од локалните групи олигарси, кои ја презедоа контролата врз најголемиот дел од бугарските медиумски компании. Така, концентрацијата на медиумската сопственост, интересите на олигарсите и политиката, во комбинација со државната регулатива на ресурсите што се доделуваат на медиумскиот сектор и „заробувањето“ на независните регулатори, изврши опасно влијание врз содржините и квалитетот на продукцијата на бугарските медиуми. И меѓународните индекси го потврдуваат постојаниот пад на слободата на медиумите во Бугарија. На пример, Фридом Хаус го класифицира статусот на слободата на медиумите во Бугарија во 2017 година како делумно слободен, на основа на оценката од 42 од вкупно 100 (со 0 како најмногу слободно, а 100 најмалку слободно). Тоа е влошување на состојбата во споредба со една деценија претходно. Русија активно го користеше и го поттикнуваше ова опаѓање на медиумските стандарди, а потајно го поддржува својот модел дома.
Како и да е, ако го ставиме ова во компаративна перспектива, Бугарија е во многу подобра состојба од останатите четири земји во Црноморскиот регион што ги проучувавме. Поради послабото присуство на наследено медиумско влијание од официјална Русија врз бугарските медиуми, вклучувајќи го и отсуството на канали „преживеани“ од советско време, опаѓањето на присутноста на рускиот јазик, многу малиот број на медиуми што функционираат во Бугарија, но потекнуваат од Русија, претставуваат заштита од распространувањето и примањето на руските пораки.

Генерално погледнато, кои се најистакнатите манипулации и дезинформации во Бугарија?

– Проруските национални медиуми пренесуваат наративи што се сместени во конзервативниот руски дискурс, истакнувајќи ги доблестите на суверенитетот на државата (посебно во врска со одлуките за проектите сврзани со Русија или со несогласувањата со некои политики на ЕУ), традиционалното семејство, настапувањето на „демократскиот“ мултиполарен меѓународен поредок и критикувањето на социјалните, економските и политичките трендови на Западот, вклучувајќи ги тука либерализмот и мултикултурализмот. Една специфична тема што е предмет на силна пропаганда е енергијата. На пример, голем дел од медиумското внимание се фокусираше на откажувањето на „Јужен поток“, што беше претставено – сродно на тврдењето на Кремљ, како грешка на Бугарија што произлегува од целосна потчинетост на Европската Комисија и наспроти наводно вистинските економски интереси на земјата. Се тврдеше дека руските политичари и директори ќе останат цврсто спротивставени на бугарските повици за обновување на Јужен поток или на продолжението на „Турски поток“ преку нејзината територија, како форма на казна за несоработката и слабоста на Софија. Но, како што гледаме сега, „Турски поток“ ќе мине преку бугарската територија во варијантата именувана „Балкански поток“.

Дали најчесто медиумите се извор на дезинформации и манипулации, или пак станува збор за лиферување од нивна страна на дезинформации што произлегуваат од политиката, странските сили, социјалните мрежи? Кои медиуми предничат на тоа поле – дали традиционалните медиуми или можеби новите, медиумите што објавуваат на интернет?

-Секако дека има веб-сајтови чија што цел е да носат профит преку привлекување посети и приходи од реклами преку сензационалистички стории фабрикувани од нив. Но овие сајтови никако го немаат истото влијание и надворешна ориентација како трол-фармата за лажни вести од Велес, на пример. Затоа нашето истражување се фокусираше на позначајниот феномен на локалните олигархиски помошници на странските сили, кои ја контролираат уредувачката политика и сопственичката структура на влијателните онлајн-медиуми, како и на печатените медиуми и телевизиите. Бидејќи традиционалните медиуми полека исчезнуваат, Балканот сега официјално е терен на телевизиите и онлајн медиумите.

Имаат ли властите во Бугарија некаков план за борба против дезинформациите и нивните промотери? Колку се активни на тоа поле, односно што е сторено досега на планот на борбата против манипулациите и дезинформациите?

– Најновата иницијатива на владино ниво беше воспоставувањето на Oдделение за борба против дезинформациите при Министерскиот совет(бугарската влада), како дел од Акцискиот план против дезинформациите за координирани мерки од Европската Комисија и Европскиот Парламент. Но нема видливи резултати од функционирањето на овој оддел – не е познато колку случаи на дезинформирање биле регистрирани од Брисел и досега немало високопрофилно оспорување на лажни вести. Тоа се смета за процес воден од ЕУ, не од Бугарија. Всушност многумина во земјава ја гледаат владата во најмала рака како набљудувач, а во најлошиот случај како активен промотер во процесот на олигархизација на медиумската сцена во земјата, што всушност ги овозможи пропагандистичката наративи од Русија.
Со дезинформациите главно се справуваат граѓанските организации, преку анализи, примена на алатки за онлајн-мониторинг (со кои се следи потеклото, напредувањето и влијанието на дезинформациските активности) и преку настани за поткревање на капацитетите на новинарите. Сепак, мора да се направи повеќе во поглед на пошироко ангажирање на граѓаните. Јавноста треба да биде подобро обучена за препознавање на пристрасното известување и за доаѓање до правилни информации – преку кампањи за кревање на свесноста и иницијативи за медиумски писменост.

Знаете ли за судски пресуди за предизвикување општа опасност или за слични кршење на законите преку лажни вести или говор на омраза?

-Не сум запозната со такво нешто. Но неодамна имаше повици да се помести фокусот од борба против дезинформациите кон правната одговорност која треба да ја сносат распространувачите на лажни вести. Имаше предлози, посебно во однос на случаите во кои се наштетува на личниот углед како резултат на пренесување дезинформации, да се поедностави процесот на поднесување тужба, односно преку релаксирање на строгите предуслови за докажување на нанесената голема материјална и психолошка штета (вклучувајќи и доставување лекарски наод од клиника). Исто така имаше планови од владата лажните вести да се криминализираат преку нова легислатива за медиумите, но тоа е уште во зародиш. Овие прашања се многу деликатни, бидејќи сите тие се сврзани со слободата на говорот и заштитата на податоците, коишто мора внимателно да се чуваат. А пак промената на јавните политики изискува постојана и добро структурирана дебата.
Општо земено, новинарите мора да се охрабрат да станат поактивни во барањето правна одговорност за дезинформациите, не само на домашен терен, туку и на европски план. Тужби за нарушување на стандардите на независно и објективно може да се поднесуваат во рамката на правилата на Европскиот суд за човекови права за слободата на изразување.

Колку е Северна Македонија содржина во бугарските медиуми?

– Не сме правеле посебно истражување на оваа тема. Но, мојот впечаток е дека обемот на вниманието на бугарските медиуми за Северна Македонија зависи од политичкиот календар, односно, во врска со прашањата што искокнуваат во билатералните односи. Така, известувањето во медиумите е претежно многу политизирано и неправилно, на пример во однос на изјавите од политичари за заедничките историски личности, и т.н.
Добар знак е што изминатиот месец се одржа викенд на дијалог во Охрид, каде бугарските и македонските новинари можеа да дискутираат за предрасудите на кои медиумите во секоја од двете земји потпаѓаат кога покриваат настани и ситуации во другата земја. За среќа, ваквите иницијативи може да придонесат за подобро разбирање на предизвиците со кои секоја од земјите се соочува.

А колку често е Северна Македонија предмет на дезинформации и медиумски манипулации? Има ли во изминативе неколку години промена на подобро или на полошо?

– Општо земено, позитивниот импулс што односите меѓу двете земји го добија по потпишувањето на Договорот за добрососедство во август 2017 година исто така се рефлектираше во поентузијастичко известување од медиумите за можностите за „вин-вин“ соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Сепак, деловите на бугарскиот медиумски спектар поврзани со националистичките и руските кругови ја задржаа перспективата која ги нагласува „бранењето на националните интереси и историската вистина“. На пример, овие кругови се жалат дека Договорот за пријателство не ги брани доволно бугарските национални интереси (во смисла на искористување на економските и политичките придобивки и одбраната на историјата).
Генерално погледнато, проруските бугарски медиуми се залагаат за „економизација“ на решенијата за проблемите на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан (вклучително преку соработка со Русија и Кина), како спротивност на геополитичкото вкотвување во ЕУ и НАТО кое, наводно, не дава економски перспективи и се фокусира само на разрешување на историските спорови. Ваквите наративи наоѓаат плодна почва од двете страни на границата и ќе бидат потребни многу отворена комуникаци и дискусии за да се сузбијат. Колку и да е тешко да се прави такво нешто на Балканот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...