Фото: Светска Здравствена Организација

Комисијата за заразни болести вчера и денеска одржа два состаноци поврзани со сомнителните два случаи на мајмунски сипаници во земјава. Ова не е нов ковид, овде нема место за паника меѓу граѓаните, рече пред малку во изјава за медиумите д-р Александар Петличковски, претседателот на Комисијата за заразни болести.

„Не очекуваме никаков драматичен развој и сериозно ширење на оваа нова болест. Од двата случаи, вториот, оној од Инфективната клиника, веќе е тестиран и резултатот е негативен. За оној пак, од Кичево немаме примерок. За ширење на оваа болест неопходен е близок контакт или интензивен контакт во затворен простор“, појасни д-р Петличковски.

Тој кажа дека здравјето е и колективна и индивидуална одговорнст на секого од нас.

„Едно од суспектните лица, се јавило завчера на доктор и веднаш е остварена комуникација со епидемиолози. Му било понудено тестирање, кое тогаш не го прифатил. Не се пријавил на клиниката на натамошно лекување, по што се известени епидемиолошките служби. Епидемиологот од Битола бил два пати кај него дома, објаснето е дека тестирањето е во интерес на сите. Ние немаме законска можност да го присилиме да се тестира. Овде нема задолжителна изолација“, рече Петличковски.

Тест за мајмунски сипаници може да се направи само во Институтот за јавно здравје. Набавени се 300 тестови.

Петличковски појасни дека пациентите со мајмунски сипаници се заразни кога ќе им почнат симптомите.

„Пациентот може да има осип, болни лимфни јазли, покачена температура. Нема задолжително изолирање. Кај нас системот е поставен на тој начин што, тој што има симптоми треба да се јави на матичен лекар, а потоа тој го препраќа на Инфективна клиника“, рече д-р Петличковски.

Напишете коментар