Д-р Драги Ѓоргиев е директор на Институтот за национална историја, но во моментов е во центарот на вниманието на македонската јавност, поради тоа што е еден од двајцата претседавачи, заедно со неговиот бугарски колега д-р Ангел Димитров, на Заедничката бугарско-македонска комисија за историските прашања и за учебниците.

Во последниот период од Бугарија стасаа многу обвинувања, вклучително и од Димитров, дека македонските претставници еднострано ја прекинале работата на комисијата, како и дека притоа биле политички повлијаени. Во разговор за „Мета.мк“, Ѓоргиев ги негира ваквите обвинувања, посочувајќи дека случувања покажале дека политичкиот притисок е многу повеќе застапен во Бугарија, како и дека не станува збор за еднострано прекинување на работата на комисијата, туку само несогласување во поглед на бројот на состаноци што комисијата треба да ги одржи. Бугарите инсистираа на повеќе средби, што е контрапродуктивно, вели македонскиот со-претседавач на комисијата.

– Работата на Комисијата е во согласност со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, и таму, во член 8, е наведено дека ќе се формираат тие комисии, ќе се состануваат, но не е наведено колку пати годишно треба да се состануваат. Ние почнавме со надеж дека два пати, три пати годишно ќе се среќаваме и ќе имаме размена на идеи, на препораки, на забелешки… Уште на почетокот од бугарска страна беше изразена тенденција тие средби да бидат почести. Ние се согласивме на четири средби годишно. Меѓутоа, и тоа не беше доволно, па сакаа шест средби годишно. И ние во 2019 година одржавме шест средби. Потоа имаше притисок за плус две средби, за една во август и за една во декември.

Меѓутоа, се разбира, ние не прифативме, бидејќи лично сметам, а и од искуството што го имаме досега знам, дека тоа е контрапродуктивно. Што почесто се гледавме, толку повеќе растеа тензиите. И од тие причини, ние не го прифативме ниту предлогот за средба во декември. Инаку, искуството од комисиите формирани меѓу некои европски држави покажуваат дека децениските историски меѓудржавни спорови се решаваат во многу подолг период, со две до три средби годишно.

Конечно, а имајќи го предвид предизборниот период кај нас, предложивме работата на комисијата да паузира, не да прекине! Ние не рековме да се прекинат средбите, ниту сакам да се прекине, бидејќи сметам дека тоа ќе биде штетно и за нив, и за нас, и целокупните односи меѓу Македонија и Бугарија ќе претрпат штета. Предложивме работата на комисијата да оди по електронски пат. Да разменуваме забелешки за учебниците, препораки, доколку дојдеме до нив, па дури и идеи за Гоце Делчев… – објаснува Ѓоргиев за Мета.мк.

Но тоа не било прифатено од бугарска страна и веднаш е протолкувано како последица на политички притисок. Но во периодот на работење на Комисијата очигледно притисокот од бугарска страна беше многу поголем, вели директорот на Институтот за национална историја.

– Нашето барање не беше прифатено од бугарската страна, и беше, морам да кажам, произволно протолкувано како политички прекин на работата. Наводно, дека ние сме биле под влијание на политиката овде и дека од политички причини сме ја прекинале работата.

Но доколку се погледне наназад и се анализираат изјавите на бугарските и македонските политичари во однос на работата на комисијата, може да се види каде политичкиот притисок е поголем во работата на комисијата… И самото тоа што се врши постојан притисок за чести средби, такаречи за месечни средби, дури и од високи бугарски политичари, за да се постигнат некои цели, покажува всушност каде е поприсутна политичката позадина – вели Ѓоргиев.