Најмладата пациентка која била хоспитализирана на Клиниката за неврологија со мозочен удар, имала само 14 години. На ниво на држава, годишно има околу 5.000 нови случаи со мозочен удар и со тоа спаѓаме во земји со средна инциденца и преваленца. Мета поразговара со доктори на оваа клиника, кои велат дека има ниту една возраст не е поштедена од мозочен удар, како и дека најважно е да се препознаат симптомите и пациентот веднаш да биде однесен на Клиниката.
Проф. д-р Анита Арсовска, шефица на одделот за ургентна неврологија при Клиниката за неврологија, кажа дека најмладата пациентка имала само 14 години.
„Кај нас на Клиниката третираме пациенти над 14 годишна возраст. Дали пациентите ќе се вратат на нормалниот начин на живот зависи од многу фактори, меѓу кои, дали има коморбидитети, колкава била големината на ударот. Кај младите има попроширнa палета на испитувања за да ја утврдиме причината. Знае тоа да се проблеми со срцето, односно PFO (Patent Foramen Ovale), може да е причинител на мозочен удар кај помладата популација. Затоа треба да се испита и срцевата функција“, вели проф. д-р Арсовска.
Според неа, мозочниот удат знае да остави секвели со зборувањето, во моториката, во осетот, перцепцијата.
„Не се работи само за парализа, има и други компликации, како што се когнитивни нарушувања, депресија“, додава таа.
Симптомите се појавуваат без предупредување
Симптомите на мозочен удар настануваат без предупредување. Како што вели д-р Арсовска, најчесто се искривува лицето, говорот е неразбирлив и се парализира едната страна од телото (рака, нога). Може да се искриви погледот и главата кон едната страна, а симптоми често знаат да бидат и силна главоболка, вртоглавица, повраќање, проблеми со гледање.
„Во таква ситуација веднаш треба да се побара помош. Ако се работи за тромб, може да се даде во првите 4 и пол часа венски средство за разбивање на тромбот. А во првите 6 часа се прави механичка тромбектонија, механички се вади тромбот од крвниот сад. Што се однесува до лекувањето, имаме напредок во терапијата за разлика од пред многу години. Користиме современа терапија ги следиме трендовите, а со тоа и квалитетот на живот на пациентите е подобрен во споредба со минатото“, додава д-р Арсовска.
Д-р Блерим Адеми одговорен на одделот за мозочни удари кај млади, вели дека на неговиот оддел, најмладата пациентка која била хоспитализирана имала 18 години.
„На возраст од меѓу 30 и 40 години се најчесто пациентите хоспитализирани на овој оддел. Факторите кои се поврзуваат со мозочен удар кај помладите, не се оние класичните кои се јавуваат кај постарата популација – висок притисок, дијабетес, туку овде се работи повеќе за генетски предизпозиции. Друг фактор е и тромбофилија, тоа е предизпозиција за брзо згрутчување на крвта, а и друга причина која е честа кај младите, е аномалија на срцето. Причините кај младите обично се генетски аномалии“, вели д-р Адеми.
Како што тој објаснува, пушењето може да влијае, но не е пресудно за појавата на мозочен удар.
„Сме имале и многу фит пациенти, но ете, без оглед на тоа што вежбале, сепак добиле мозочен удар. Сме имале и војник, во одлична форма, бил физички активен, така што нема правила. Пациентите обично се враќаат на нормалниот начин на функционирање, посебно младите, бидејќи младиот мозок има способност да ги врати функциите со добра рехабилитација“, вели д-р Адеми.
Да се регулира високиот крвен притисок
Ако некој има проблем со висок крвен притисок, истиот треба да се регулира со соодветна терапија, оти тоа е првата причина за мозочен удар. Освен тоа, треба да се регулира и дијабетесот, мастите, но и да го средиме животниот стил – да пешачиме или да вклучиме друга физичка активност во секојдневието, да внимаваме на исхраната. Ако живееме вака, можеме да си го продолжиме животот, десицед е д-р Адеми.
„Ако некој пациент веќе имал мозочен удар, ризикот да добие нов постои, но, ако ја најдеме причината за ударот и ја решиме причината, тогаш сме го решиле проблемот. Кај повеќето од пациентите, ние успеваме дас го најдеме причинителот“, додава д-р Адеми.
Според него, Македонија заедно со Србија и Албанија е, како што вели, епицентар на мозочните удари.
„Мозочниот удар е најголема причина за инвалидитет и смрт и затоа треба да се работи на свесноста кај луѓето од опасностите што тој ги носи“, вели д-р Адеми.
Мета пишуваше дека во Македонија, годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата, наведено е во најновиот извештај насловен „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“. Штетните ПМ честички освен што се ризик фактор за рак на бели дробови, влегуваат во крвните садови, може да ги затнат и да предизвикаат срцев или мозочен инфаркт.
