„Д фестивал“ наместо во јули, ќе се одржи од 21 до 23 август

Поради пандемијата со корона вирусот, наместо на почеток на јули како досега, годинава „Д фестивал“ ќе се одржи од 21 до 23 август во Градскиот парк – Дојран. Целосната програма ќе биде објавенa на почеток на месец јули.

„Според насоките од Светската здравствена организација, кои препорачаа враќање на фестивалите, изработивме детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји, кој го доставуваме до надлежните институции“ велат од тимот на „Д фестивал“.

Сите оние кои не се во можност да присуствуваат на овогодинашното издание, а имаат купено билети, истите ќе може да ги задржат за 2021 година, а на располагање ќе им бидат понудени и различни решенија за поврат на средствата.

„Сакаме да ве известиме дека вашите билети се безбедни. Задржувајќи го набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија и за возврат, добивате можност да присуствувате на двете „Д Фестивал“ изданија – во 2020 и во 2021“ – информира тимот на „Д фестивал“.

Како што велат тие, во соработка со нивните пријатели од Србија, „Д фестивал“ ќе се одржи една недела по „Exit festival“.