Дел од учебник по социологија за втора година средно образование, вчера и денеска предизвика лавина реакции во јавноста. Станува збор за содржина која ја дискриминира жената, односно тврди дека ако жената е затворена дома, таа нема можност да прави кривични дела.

„Причините за различното учество на жените во криминалитетот се објаснуваат со општествената положба на жената. Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност особено кај некои видови кривични дела“, пишува во учебникот.

Погоре, на истата страница во учебникот стои дека „прељубата е кривично дело“. Реченицата гласи вака: „Жените во помал обем ги извршуваат и следниве кривични дела: прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби кривоклетство“.

За ова разговаравме со извршната директорка на Коалицијата „Маргини“, Ирена Цветковиќ, која вели дека, за жал, зад флоскулата „научна вистина“ во македонското образование се кријат стереотипите и дискриминаторските ставови на фелата.

– Фактот дека жените по статистика извршуваат помал број на кривични дела споредено со мажите не може да се објаснува, а уште помалку да се одобрува, со одржување на родовата нееднаквост и притискање жените да останат во приватната сфера на домот и семејството, оставајќи ја јавната сфера на мажите. Точно е дека жените се помалку подложни на криминално онесување, но тоа треба да биде претставено како пример, како добар пример и токму заради тоа да се инсистира жените што повеќе да ја окупираат јавната сфера носејќи поинакви вредности како чесност, посветеност – вели Цветковиќ.

Нашите „професионалци“, професори, додава таа, успеваат низ овие факти да протнат свои шовинистички и патријархални идеологии и дискурси, оневозможувајќи на тој начин прогрес и еманципација на новите генерации.

– Коалицијата „Маргини“ уште во 2011 побара од тогашната власт целосна ревизија на учебниците во сите фази од образовниот процес. Ова барање го повторувавме и низ годините кои следеа, но досега сите власти останале незаинтересирани. Во програмата на актуалната влада стои дека оваа ревизија ќе се случи, но тој комплициран, голем и важен процес не гледаме дека е барем во својот зародиш – потенцира Цветковиќ.

Таа апелира до властите, но и до академската фела, да започнат процес на целосна реизија на сите учебници и учебни помагала како прв чекор кон започнување темелна и целосна реформа во македонскиот образовен систτем.

Д-р Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ, програмска раководителка во Kvinna till Kvinna Foundation вели дека е застрашувачки е колку дикриминирачки, стереотипни, несоодветни информации содржат учебниците по различни предмети за основно и средно образование.

– Секојдневно сме сведоци на нови лекции кои се полни со предрасуди кон жените/девојчињата и кои што родителите случајно ги откриваат разлистувајќи ги учебниците или во моментите кога нивните деца ќе побараат помош бидејќи она што го читаат во учебникот се коси со она што го зборуваат или го гледаат дома. Меѓу многубројните примери кои што јас лично сум ги сретнала е текстот за „мрзливата сопруга“ кој што ги етикетира жените што се грижат за домаќинството како мрзливи и некои кои што немаат ‘вистинска’ работа; песната „Кинисала мома желка“ која што стереотипно ги прикажува родовите улоги, учејќи ги децата дека “тој е момче се задева, ти си мома, седи дома”; задачата во која што посебно се издвоени „ранецот за момчиња“ и „ранецот за девојчиња“ и во која што секако ранецот за девојчиња чини доста повеќе од оној за момчиња… Она што навидум изгледа безопасно и за некого беспотребно ‘драматизирање’ околу овие текстови/информации во учебниците во основно образование, всушност само создава ‘плодна почва’ за нееднаквиот третман помеѓу жените и мажите во нашето општество. Очигледно е дека како се зголемуваат одделенијата/годините во училиште, така во определни учебници се продлабочува родовиот јаз и се промовираат патријархални вредности кои што и го одземаат правото на жената за вклучување во јавната сфера, ја стереотипизираат, етикетираат и девалвираат. Сметам дека е потребна итна ревизија на сите учебници, бидејќи родовата дискриминација знае да се ‘протне’ и онаму каде што не очекуваме да ја има. Само детално прегледување на сите соджини со родови очила и низ родова призма може да ги елиминира оние информации кои што допринесуваат за одржување на родовата нееднаквост – вели Стојановиќ Ѓорѓевиќ.