Црногорскиот владика Амфилохије | фото: Православна митрополија црногорско-приморска

По повеќе од 20 дена откако заболел од ковид-19, иако ја пребродил болеста, денеска како последица на оштетувањето на белите дробови, починал Митрополитот црногорско приморски, г. Амфилохије.

Според краткото соопштение од Правосланата црногорско-приморска митрополија, Амфилохије починал утрово во 8:20 часот во Клиничко-болничкиот центар на Црна Гора, откако ја примил светата причест.

Амфилохије | Фото: Wikimedia Commons

Како што соопштуваат црногорските медиуми, присуството на новиот коронавирус кај Амфилохије било детектирано на 6 октомври со потврден позитивен текст. Две седмици подоцна било соопштено дека е во стабилна состојба и вториот тест бил негативен.

Но, според извештаите, здравствената состојба на Митрополитот се влошила вчера. Како што пренесуваат медиумите, медицинските лица од Клиничкиот центар во Подгорица посочиле дека состојбата му се влошила како последица на оштетувањето на белите дробови од коронавирусот.

Од Митрополијата најавија дека наскоро ќе информираат околу деталите за погребот на црногорскиот владика.