По повод 70-годишнината од основањето на НАТО, Центарот за демократска  транзиција од Подгорица објави фељтон на историчарот Бобан Батриќевиќ на тема „Просторот на Црна Гора и НАТО (1949-2019), како дел од проектот „НАТО инфо центар – борба против дезинформации и пропаганда“. Во фељтонот, објавен во два дела, се наведени фактите кои покажуваат дека НАТО и сите бивши југословенски републики имале директна соработка уште од основањето на Алијансата во 1949 година, која за семо некои од нив била прекината во текот на војните по распадот на СФРЈ.

Батриќевиќ укажува дека одлуката да се придружи на НАТО, остварена во 2017 година, за Црна Гора било храбар чин и израз на обновената независност, напроти тоа што „за нејзината судбина од 1918. до 2006 г. воглавно се решаавало надвор од нејзините граници“.

Црногорската власт била свесна за внатрешните и надворешните настојувања кои се обидувале да го спречат тој процес, но сепак направила стратешки исчекор, при тоа соочувајќи се со агресивната антинатовска пропаганда поврзана со поттикнување внатрешна политичка нестабилност, кои на среќа не предизвикале поголеми последици.

Според Батриќевиќ, еден од клучните аргументи истакнувани против црногорското пристапување на НАТО се однесувал на историјата. Бројни политички партии, невладини организации, Српската православна црква и медиуми во своите соопштенија, говори и аргументации се обидувале да создадат претстава за „предавство“ – наводно вртење грб на повеќевековната традиција на добри руско-црногорски односи и разградување на „исконската“ православна и традиционална Црна Гора, со изразена емотивна димензија.

Во суштина, историските наративи на противниците на НАТО и емотивната аргументација се заснова на бомбардирањето на СРЈ во 1999 година и истакнувањето на историските врски меѓу Црна Гора и Русија, со значителен антиамерикански и антизападен дискурс.

Наспроти тоа, историските факти изнесени во првиот дел на есејот на Батриќевиќ укажуваат дека сликата за наводните традиционални односи била сосем  поинаква. Во текот на поголемиот дел од својата историја Југославија имала блиски односи со НАТО. Воената помош од Запад и преориентацијата на моделот за безбедност базиран на блиски односи со НАТО биле гарант за независноста на земјата.

НАТО е основано во април 1949 година и набргу потоа дошло до вклучување на Југославија во програмата за заедничка одбрана (MDAP) наменета за сојузниците на НАТО, како резултат на преговори со САД, а потоа и со Велика Британија и Франција. На Тито му се брзало да го обнови оружјето на ЈНА кое потекнувало претежно од Втората светска војна, бидејќи стравувале од агресија на советските сојузници кои заедно имале многу поголема воена сила.

За примарна цел на евентуален напад од Варшавскиот Пакт се сметала Војводина заради нејзиното значење како извор на храна за целата земја и близината на главниот град, а имало интерес и за Скопската и Љубљанската воена област, како соседни до земји-членки на НАТО.

Во рамките на програмата за воена помош од 1951 до 1958 година во Југославија од Запад пристигнале тенкови, артилерија, млазни и клипни авиони, хеликоптери, пешадијско вооружување, муниција и друг воен и технички материја, покрај различните аранжмани за дотур на храна, сировини и кредити. Само во периодот од 1951 до 1955 г. Југославија добила помош од Запад од над милијарда американски долари.

1953 година  Југославија потпишала договор за пријателство и соработка со две балкански членки на НАТО, Грција и Турција, кој наредната година прераснал во воено-политички одбранбен сојуз. Со тоа ФНРЈ станала и формално дел на системот за колективна безбедност на Западот, затоа што членките на Балканскиот Пакт меѓу себе си гарантирале одбранбена помош во случај на агресија.

Со намалувањето на опасност од советска агресија во годините по смртта на Сталин, Југославија и НАТО постепено ја намалила воената соработка, задржувајќи ја билатералната цивилна соработка со САД и другите НАТО-членки преку кредитни и инвестициски аранжмани и отворањето на западниот пазар за југословенски производи и услуги.

Историчарот Батриќевиќ посочува дека четириесетина години подоцна, пред почетокот на конфликотот на Косово кој доведе до интервенцијата на НАТО во 1999 година, кај црногорската влада се забележувал отклон од политиките на Слободан Милошевиќ. Црна Гора се противела на водење војна на Косово и затоа не прогласила воена состојба и не спровела мобилизација. Станало јасно дека земјата зазема нов политички курс и не сака да учествува во туѓи војни.

Во текот на бомбардирањето врз цели кои ги држела Војската на Југославија, во Србија загинале 454 цивили и 300 војници, додека во Црна Гора бројот на загинати бил минимален, освен што при бомбардирање на мост кај Мурино загинале 6 цивили.

Според официјалните податоци, Црна Гора, која имала околу 600.000 жители, прифатила околу 80.000 бегалци од Косово. Во истиот период припадниците на ВЈ убиле дваесет и раниле шест лица со отворање оган на збегови.

Во тој период, поради притисокот од Србија, Црна Гора се нашла на работ на граѓанска војна, која била спречена со заедничка декларација на сите партии во црногорскиот парламент. Тие искуства дополнително ја зајакнале определбата за прифаќање на политичките вредности кои довеле до поддршката на референдумот за независност во 2006 г. и подоцна до пристапување кон НАТО.