Неодамнешната посета на техничкиот премиер Оливер Спасовски и екс-премиерот Зоран Заев на седиштетото на Вселенската патријаршија во Истанбул и разговорите со вселенскиот патријарх Вартоломеј предизвикаа голем интерес во српската јавност. Но, покрај информирањето, може да се сретнат и примери на развивање теории на заговор против СПЦ и воопшто против православието.

Еден од помаркатните примери е оној што може да се види во текстот  што би требало да наликува на анализа во српскиот онлјан медиум „Правда“, под наслов – РАЗОТКРИЕНО МРАЧНО СЦЕНАРИО НА ЗАПАДОТ! СРПСКАТА ЦРКВА НА УДАР: „Источниот папа“ како војник на глобалниот НАТО удар врз православието.

Текстот под ваквиот шокантен и долг наслов започнува релативно коректно, со кратко цитирање на соопштението од Цариградската патријаршија издадено после средбите. Тоа може да се провери од два-три извора, меѓу кои агенцијата IBNA, православниот портал Ромфеа и некои други извори.

Но, наместо да остане во сферата на информирањето, медиумот продолжува со разговор со црковниот публицист Владимир Димитријевиќ и потоа од информирање преминува во теории на заговор.

Суштината, која ја изнесува соговорникот, е дека по неуспешниот обид за Севсеселенски собор на Крит, кој беше бојкотиран од Руската православна црква, Вселенската патријаршија и нејзиниот челник Вартоломеј, „со помош на НАТО пријатели почнуваат да играат глобална игра, чиј цел е да им се покаже на словенските православни цркви дека се „недоносени цркви“ и дека само Вартоломеј има право да дава автокефалност и да решава за тоа кој е автономен, а кој не“.

Почетоците на ваквата „игра“, според соговорникот на „Правда“, можеле да се лоцираат по некоја изјава на шведскиот дипломат Карл Билд од 2014, кога предупредил на опасноста на руското православие. Понатаму во текстот се изнесуваат состојбите во дел од православните цркви ширум светот, па се стига до тезата дека главна цел на сегашната игра била, всушност, СПЦ, зашто по своето дејствување била на најчуствителното место меѓу Истокот и Западот, а дека Вартоломеј сакал со ваквата игра да потврди и дека е и во рангот на папа.

Цариградскиот  патријарх со овој чин, кога е во прашање СПЦ, сака да покаже дека има нешто што православното предание никогаш не му го дозволи – правото да биде источен папа – го цитираат во текстот својот соговорник.

Откако оваа теза се поткрепува со намерата, без оглед на одговорот од СПЦ, да се додели автокефалност на МПЦ, потоа се преоѓа на проблемот со Црногорската православна црква и со актуелната состојба во Црна Гора со протестите поради новите законски решенија поврзани со СПЦ и така, во текстот на „Правда“ се заклучува дека главната цел е, всушност, слабеење на Српската црква.

Овие со ништо не поткрепени тврдења би биле избегнати само доколку со внимание повторно би се цитирало соопштението на Вселенската патријаршија по средбата на Патријархот со политичките претставници од Скопје. Од тоа соопштение јасно се гледа оти тежиштето на интересот на Цариградската патријаршија е, сепак, посредништво и дека Вартоломеј сака, покрај ставот на МПЦ, да го слушне и оној на СПЦ.