Фото: ЦИВИЛ медиа

Со јавен повик, организацијата ЦИВИЛ ги повикува сите заинтересирани граѓани да ги споделат своите очекувања, предлози и барања за идната Влада на Република Северна Македонија. Учесниците во оваа акција за прибирање мислења, предлози и барања, можат да се потпишат и да испратат фотографија со кратка биографска белешка (максимум 10 реда), можат да се снимаат со видео обраќање, но можат да побараат да останат и анонимни (тоа треба да го набележат во својата порака).

„Првата конкретна област што денеска се отвора е владината стратегија „Едно општество за сите“. Како до едно општество за сите, без етнички предрасуди и поделби? Откријте ни ги предрасудите што ги препознавате кај себе и кај другите, кај медиумите или во институциите. Како мислите дека треба да се бориме против нив, а што треба да преземе владата во идниот мандат?“ појаснуваат од ЦИВИЛ.

Поканети се да учествуваат и да дадат предлози во областа на човековите права и слободи, правосудството, меѓуетничките и меѓуверските односи, изборниот систем, социјалната правда, образованието, здравството, културата, економијата, евроатлантските процеси, меѓународните односи, дијаспората, безбедноста, борбата против корупцијата и хибридните закани, како и други области што се во интерес на граѓаните.

Како што велат од ЦИВИЛ, пожелно е прилозите да бидат фокусирани на една тема, да бидат реалистични и да се однесуваат на мерки и процеси кои се актуелни и остварливи, особено во контекст на освоените места на партиите во парламентот. За авторите на најквалитетните текстуални и видео прилози предвидени е паричен надомест (хонорар), соодветно на проектните и буџетските можности на организацијата.

Прилозите треба да се испраќаат на [email protected] со назнака: „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики“. Исто така, тимот за медиумска продукција стои на располагање и за снимање на заинтересираните.

ЦИВИЛ ја започна акцијата „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики“ на 7 август.