Малку е веројатно дека вчерашната изборна победа на опозиционата Нова демократија ќе создаде проблеми во односите меѓу Атина и Скопје кои напреднаа кон целосна нормализација за време на владата на Алексис Ципрас, вели Николаос Цифакис, професор за меѓународни односи на Универзитетот на Пелопонез, во разговорот за „Јуропиан Вестерн Балканс“.

Во јануари годинава Нова демократија гласаше против ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Кирјакос Мицотакис тогаш изјави дека Договорот ќе создаде повеќе проблеми отколку што ќе реши.

– Преспанскиот договор не беше главно прашање во текот на изборната кампања. Мицотакис повторуваше дека тој нема да го доведе во прашање договорот кој е ратификуван од грчката држава. Иако се противеше на договорот, тој исто така изјави дека „кога еден договор еднаш е ратификуван, многу малку може да се направи тоа да се промени“ – објаснува Цифакис.

Меѓутоа, Цифакис потсетува дека новиот премиер, чиј татко Констатинос исто така ја водеше грчката влада во раните 90-ти кога тензиите со новата независна држава беа најголеми, ќе се залага само за целосна примена на договорот.

– Ако Северна Македонија продолжи со почитување на договорот, не треба се грижи за дополнителни тешкотии, особено за отворењето на преговорите со ЕУ – вели Цифакис.