Вкупната годишна сума што им се исплатува на 1.319-те општински советници и претседатели на совети на општините изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 проценти повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница.
„Најголеми годишни трошоци за советниците од 214 илјади евра има Градот Скопје. Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот. Следува Куманово со околу 115 илјади евра, а на следните три позиции се Тетово, Битола и Гостивар со годишни трошоци од околу 104 илјади евра. На дното се општините Новаци и Конче со по 16 илјади евра, Зрновци со околу 14 илјади евра и Вевчани со нецели 9 илјади евра годишни трошоци за советниците,“ се вели во истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините.
Во него се додава дека од другите општини, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од 5 илјади денари месечно.
Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит.
Најмногу седници годишно одржува Град Скопје, лани дури 27, а најмалку 6 одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.