ЈСП – Скопје засега нема информација кога ќе започне употребата на новите хартиени билети за едно возење во јавниот превоз. Веќе еден месец доцни воведувањето на ветениот билет, заедно со ставањето во функција на новата мобилна апликација за јавниот превоз и можноста за надополнување на средства на картичката „Скопска“ од страна на самите граѓани.

Од ЈСП – Скопје за „Мета.мк“ велат дека се вршат последните подготовки и тестирања за отпочнување со работа на новите поволности што ќе им се пружат на корисниците на јавниот превоз.

– Сметаме дека неблагодарно е да „лицитираме“ со временскиот период на воведување на новите услуги, односно поволности – потенцираат од ЈСП.

Сепак, во потпишаниот договор, којшто е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, се наведува дека „Македонски Телеком“ во рок од 120 дена ќе треба да испорача 300.000 билети за едно возење, да ја изработи апликацијата за паметни телефони, да изврши испорака на 70 нови терминали за линиска контрола и на 400 парчиња нови валидатори за картичката „Скопска“ за автобусите. Договорот влегол на сила на 1 јули годинава, а крајниот рок за набавка и испорака на овие услуги и опрема е крајот на октомври 2019 година.

Од ЈСП – Скопје велат дека досега се поставени 50 – тина валидатори во скопските автобуси, додека останатите дополнителни уреди ќе се постават во претстојниот период. Склучениот договор со „Македонски Телеком“ за реализација на сите обврски е во вредност од над 2,2 милиони евра.

Ставањето во функција на новите поволности во јавниот превоз ќе им овозможи на граѓаните да купат билети за користење на јавниот превоз во самите автобуси, што ќе биде од полза првенствено за посетителите на Скопје и оние граѓани што ретко се возат со јавен превоз. Воедно, граѓаните што ја користат „Скопска“ во иднина би имале увид во сметката на својата картичка и нема да треба да одат до билетарите на ЈСП за да ја надополнат картичката со билет за возење.

Дополнителните валидатори во автобусите ќе треба да го забрзаат влезот и излезот на патници на постојките, додека со новата мобилна апликација граѓаните ќе бидат поинформирани за возниот ред и времето на пристигнување на автобусите на постојките.

Севкупно земено, сите овие поволности за граѓаните треба да го направат поатрактивен за користење јавниот превоз во Скопје и да го прекинат актуелниот тренд на намалување на бројот на патници.