Царовска: За нов концепт на државната матура ќе разговараме да се примени од идната учебна година

Фото: МОН

Секое поместување на државната матура ќе направи проблем со запишување на учениците во високо образовани дома и надвор во земјата, смета министерката за образование и наука, Мила Царовска по најавите на Сојузот на средношколци дека ќе ја бојкотира наставата сè додека не се исполнат нивните барања во врска со државната матура. Министерката вели дека матурата ќе се спроведе за што веќе се прават подготовките, а учениците најуредно ги имаат пријавено матурските испити.

„Повеќе од 14.000 матуранти ја пријавиле матурата, што всушност е бројката на матуранти отприлика коишто ги имаме годинава во земјата. Концептот за полагање на матурата е утврден уште на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот“, изјави Царовска.

Таа додава дека за наредната 2022 година, договорено е да се формира работна група, којашто ќе стартува од понеделник заедно со матурскиот одбор и Државниот испитен центар.

„Да се подготви нов концепт по којшто ќе се полага, секако дека е потребен нов концепт за измени во матурскиот испит и тоа ќе го направиме, знаат и средношколците, но од идната учебна година“, рече Царовска.

Во врска со денешниот бојкот на наставата од страна на матурантите, министерката смета дека е неоправдан, но дека е право на средношколците да го изразат својот револт.

„Тоа е нивно право да го изразат незадоволството, но е важно да се знае дека мнозинството учениците ја следат наставата. Една скопска гимназија има
поорганизирано дејствување, додека во останатите гимназии и средни училишта, станува збор за изолирани мали групи“, изјави Царовска.

Денеска започна второто полугодие од учебната 2020/2021 година, а дел од матурантите ја бојкотираа онлајн наставата.