Царовска вели протестот е уставно загарантирано право, но промените во образованието мора итно да почнат

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

По најавените протести на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и најавениот марш во Скопје за в сабота, министерката за образование и наука Мила Царовска денеска рече дека протестите и иницијативата за референдум за образовните реформи се уставно загарантирано право. Сепак, таа додаде дека реформата ќе продолжи со цел во фокусот на образованието да се стави ученикот и неговите потреби.

Царовска смета дека не само што образовните реформи не се избрзани, туку можеби се и задоцнети, а резултатите од новата образовна концепција, треба да ги очекуваме по пет – шест години.

„Ние како МОН имавме средба со групата и им одговоривме на нивните барања, кои главно се однесуваат на тоа да се исклучи родовата еднаквост од образовниот систем. За тоа има закони кои се поминати во Собранието и гласани од сите политички партии, што значи дека има консензус за почитување на родовата рамноправност, што е и уставно загарантирано право и треба да биде дел од образовниот систем. Државата има ратификувано и многу конвенции и има обврска да се придржува и да рапортира кон нив. Сметам дека одговорите што ги добија во иницијативата ќе ги разгледаат и ќе расправаат по нив“, рече Царовска.

Министерката рече дека промените воопшто не се избрзани, туку напротив, доцниме со имплементацијата и земјава не смее повеќе да ги одложува.

„Ако сме го направеле тоа пред 10 години немаше денеска да бидеме ниско на меѓународните тестирања кои покажуваат, не дека нашите деца не можат да научат, туку оти системот на кој ние ги учиме не е соодветен, затоа што меѓународните тестирања бараат поврзување на знаењата од различни научни дисциплини и доаѓање до одреден заклучок. Нашите ученици, жално, но вистинито, не се подготвени за ваков тип на соочување со предизвиците што ги носи новото време. Концепцијата ќе почне да се спроведува и очекуваме да даде резултати по пет шест години“, нагласи Царовска.

Од Министерството за образование и наука повторуваат дека мотив за промените се  долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС, но и барањата на наставниците, на многу генерации на ученици и нивните родители/старатели кои укажуваа на слабостите на националниот образовен систем, вклучително и на недоследности, нелогичности и дискриминаторски содржини во учебниците, а на сето тоа во минатото се одговараше со парцијални реформи кои не го дадоа очекуваниот ефект.

Од Министерството за образование и наука додаваат дека сите компоненти на планот за реформи се донесени на транспарентен начин, преку јавна дебата и со учество на сите засегнати страни и експертската фела, за дел од промените повторно се појавуваат дилеми во јавноста, а МОН продолжува континуирано и транспарентно да одговара на сите прашања кои пристигнуваат од граѓаните, граѓанските здруженија и други институции и организации.