Царовска: Важно е децата да се образуваат во духот на толеранцијата и мултикултурализмот

Мила Царовска на настанот Speech4Teachers | Фото: Ванчо Џамбаски

По повод одбележување на Меѓународниот ден на учителот, денеска се одржа настанот Speech4Teachers што го организираат Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. На настанот присуствуваше и министерката за образование и наука, Мила Царовска која во своето обраќање до присустните ја истакна важноста и улогата на новинарите без разлика од која етничка заедница доаѓаат.

„Нашата држава е убава затоа што е полна со различности, коишто создаваат една целина. Верувам во еднаквоста и моја лична определба и заложба е секое девојче и момче без разлика каде живее, низ образовниот систем, да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Секое дете, прво треба да се описмени, да добие основно знаење, понатаму во животот кога ќе порасне да се остручи за да може да одговори на пазарот на трудот, но најважно од сè е да се образува и воспитува во духот на толеранцијата и на мултикултурализмот“ истакна Царовска.

Свое обраќање на настанот имаше и извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, која им го честиташе Меѓународниот ден на учителите, потенцирајќи дека Фондацијата верува дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество и го гледа образованието како клучен промотор на социјалната кохезија.

„Во моментов со финансиска поддршка на ЕУ спроведуваме голем тригодишен проект Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование. Проектот обезбедува стипендии за вкупно 600 основци од најсиромашните ромски семејства а деновиве тече и заедничка кампања која ја правиме со Министерството за образование насловена „Буква по буква испиши ја својата иднина“ со цврсто верување дека нема да дозволиме ниту едно дете да остане надвор од образовниот систем“ посочи Каранфилова-Пановска.

Извршната директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска пак, посочи дека овогодинешната тема „Улогата на учителот во новата реалност“ не ја означува само новата реалност предизвикана од пандемијата поради која наставниците мораа да се снаоѓаат како што знаат и умеат без елементарни услови за спроведување на онлајн настава, туку и на постојаните промени кои што се случуваат во светот, кои стануваат се побрзи и побрзи.

„Точно е дека државата треба да обезбеди услови за квалитетна настава, но доколку тоа не го направи, наставниците се должни да го бараат тоа од неа и да бидат лидери во промените кои ги носи новото време“ истакна Киранџиска.