Во пресрет на зимскиот период и грејната сезона што следи, а поврзано со загревањето во училиштата, министерката за образование и наука Мила Царовска при денешна посета на училиште во Кочани изјави дека се разговара за рационализација на средствата што се трошат за греење во училиштата и нивна пренамена во вложување во ИТ уреди.
„За да не се расфрламе со пари за загревање на цела училница за еден наставник, подобро е тие пари да се искористат за набавка на ИТ средства, но тоа се процеси на дискусија. Важно беше да ги видиме наставниците во училница, на своите работни места заради тоа што минатата година имаше многу дилеми во јавноста дека наставниците не одат на работа а земаат целосна плата, не се држи настава и слично“ изјави министерката Царовска.
Како што рече таа, се разговара за опцијата наставниците да држат настава од дома, токму поради непотребното загревање на училниците, но таа одлука ќе се носи заедно со градоначалниците.
Меѓу другото, министерката истакна дека годинава нема да се реализираат училишни екскурзии. Согласно упатството од Бирото за развој на образованието, учениците заедно со наставниците може да одат на прошетки, да се движат и рекреираат до 5 километри, сè со цел да се социјализираат.
Од МОН вчера информираа согласно упатството на БРО, првите сумарни оценки за секој ученик треба да бидат изведени до 20 ноември, а ако нема услови да се формира оценка онлајн, тогаш наставникот ќе треба да организира индивидуални средби.