Царовска: Наставниот кадар во летниот период ќе се обучува за новиот концепт за основно образование

Фото: МОН

Министерката за образование и наука, Мила Царовска најави дека летниот период ќе биде искористен за обука на наставниот кадар во прво и во четврто одделение за новиот концепт за основно образование. Како што рече таа во изјава за Утринската програма на Националната радиотелевија, во моментов програмите се во изработка, од кои за прво одделение треба наскоро да излезат, додека пак, за четврто одделение за околу три недели, а потоа се подготвуваат модули за обука на наставниот кадар.

„Обуката за обучувачи ќе биде на крајот на април, во мај прв модул, во јуни втор модул и во август трето видување за конечни инструкции и влегуваме во настава. Нема да биде совршено, но ќе учиме од секој нов ден. Важен е ентузијазмот на наставниците, нивната посветеност, затоа што тие стануваат дел од нешто што може да биде национална гордост“ изјави Царовска.

Како што потенцира министерката, „децата за пет до десет години ќе излезат во свет којшто е многу суров, којшто нуди многу лажни информации, коишто тие треба да препознаат“.

„Тие не се научени да решаваат проблеми, ниту да ги препознаваат, затоа што имаме конзервативен, односно застарен модел на учење. Сите предмети ќе бидат поврзани, македонски јазик, математика, природни науки, општество, една тема ќе се обидеме низ сите предмети да се протнува, за да можат учениците да го разберат контекстот во кој што нештото се случува, зошто се случува и да размислуваат кое е можното решение. Ако вие тоа го читате само од книга, тогаш вие тоа напамет го научувате. Мора да истражувате, да пребарувате, треба да знате кои сајтови се соодветни за пребарување, за да понатаму стекнете одредени знаења и вештини да се справувате со светот“ појаснува Царовска.

Покрај ова, министерката вели дека наставниците не треба да се грижат дека некој ќе остане без работа, притоа нагласувајќи дека новиот закон предвидува дека тие ќе бидат повеќе платени, согласно часовите поминати во училиште наместо бројот на наставни часови.