Министерката Мила Царовска на денешната расправа во Собранието | Фото: МОН

Наставниците ќе бидат мотор на оваа голема промена во образовниот систем, тие се наши главни партнери, а јас силно верувам дека со нивната посветеност ќе овозможиме подобро образование на нашите деца. Ова го кажа денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, на седницата на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, на која се одржа јавна расправа за новините кои се најавуваат во ресорот образование. Во салата присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бројни претставници на меѓународни организации и здруженија, наставници, професори, претставници од МАНУ, ЗЕЛС и останати стручни соработници.

– Во однос на сите сомнежи ве уверувам дека ние како Министерство за образование и наука и како Биро за развој на образование, многу сериозно и подготвени влегуваме во целиот овој процес. Наставниците ќе имаат обука за новиот модел на наставата, нема да бидат оставени сами на себе бидејќи сакаме ова да успее. Свесна сум дека секоја промена предизвикува чувство на несигурност и страв, но без промени нема напредок – рече министерката во своето обраќање.

Таа потенцира дека мора да запре праксата, секој ден децата да учат од неквалитетни учебници и да следат несоодветна наставна програма.

– Споредено со нивни врсниви од други земји, нашите ученици имаат околу 900 часа помалку во настава. Имаат потешкотии со читање со разбирање, како и со одземање. Помалку од 40 отсто од вторачињата ги завршиле задачите после прочитан текст. Овие податоци значат уништени генерации. Со реформата се нуди поинаков пристап во наставата, внимание за секое дете и можност да го искаже својот потенцијал. Ова е нов македонски образовен модел, кој ќе ги научи на почитување на различностите, а ќе се јакне и родовата рамноправност – рече Царовска.

Премиерот Заев во својот говор истакна дка овие промени требало одамна да се случат.

– Јасно е дека со воведување Општествени науки, не се укинува Историја, туку содржините од нив ќе станат дел од новата наставна програма. Новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците, туку тие заедно ќе ја планираат наставата за да учениците добијат знаења на најефикасен начин. Овозможуваме и кариерен развој. Концепцијата е направена вз основа на експерти кои посочуваат дека се неопходни промени. Таа се прави во широк и консултативен процес. Таа е предвидена е и со Законот за основно образование и е дел од владината програма – рече Заев.