Мила Царовска и Венко Филипче | Фотоколаж: ФБ

Еден ден по соопштувањето дека е постигнат коалицискиот договор помеѓу СДСМ и ДУИ за состав на нова Влада, партиите ги објавија имињата на функционерите кои ќе седнат на министерските столчиња. Како што најави Заев, тој ќе биде премиер наредните четири години, додека пак Артан Груби ќе биде прв вицепремиер.

Во однос на министерствата, своите места ќе ги задржат Венко Филипче во министерството за здравство, Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи и Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана.

Некои од министерствата ќе претрпат промени во раководните места, како во министерството за образование и наука, каде министерка ќе биде Мила Царовска, а на нејзиното место во министерството за труд и социјала ќе седне досегашната пратеничка Јагода Шахпаска. Нов министер за финансии ќе биде Фатмир Бесими, кој ќе ја замени Нина Ангеловска од СДСМ.

СДСМ свои кадри ќе постави и во министерството за транспорт и врски, каде министер ќе биде досегашниот градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. Со министерството за култура ќе раководи Ирена Стефоска, а иден министер за правда ќе биде Бојан Маричиќ.

Од Социјалдемократскиот сојуз најавуваат дека Љупчо Николовски кој досега беше министер за земјоделство, во наредните четири години ќе биде потпретседател на Владата за борба против криминал и корупција, за одржлив развој и човечки ресурси. Никола Димитров ќе замине од министерството за надворешни работи, каде на негово место ќе дојде Бујар Османи. Додека пак, Димитров ќе биде потпретседател на Владата за европски политики, а Фатмир Битиќи за економски политики.

Од редовите на Коалицијата „Можеме“ доаѓаат и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство определен од политичката партија БЕСА, како и министерот за локална самоуправа од ЛДП.

ДУИ пак, ќе ги задржи своите кадри во министерството за економија каде е Крешник Бектеши и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Засега нема информација кој ќе раководи со министерството за информатичко општество и администрација.