Царовска: Дигитализацијата на учебниците не е тренд, туку реална потреба на учениците

Фото: Thomas Park на Unsplash

Целата реформа на образованието е фокусирана на потребите на учениците. Најавените промени носат предизвици и за родителите и за наставниците, што е вообичаено кога се случуваат реформи, рече министерката  за образование и наука Мила Царовска одговарајќи на новинарски прашања, информираат од Министерството за образование и наука.

„Учениците на таа возраст имаат потреба од современи алатки, кои за период од 20 години ќе им бидат потребни за да можат да се справуваат со предизвиците со кои тогаш ќе живеат“, рече Царовска.

Беспредметно е да се делиме за и против дигитализација кога целиот свет се дигитализира. Дотолку повеќе што државата и образовниот систем покажаа дека за само еден месец можат да ја трансформираат наставата и таа во континуитет веќе три тромесечја се одвива дигитално, што само пред две години се сметаше за невозможно.

“Никогаш не сме сигурни со какви предизвици нашата држава и нашите ученици ќе треба да се справуваат за три, пет, седум години. Дигитализацијата не е тренд, таа е потреба. Не само затоа што полесно пристапувате до материјалот, туку затоа што содржините, коишто можат да бидат поставени во дигитален учебник се многу посовремени, поинтересни и поскокотливи за учениците, за да ги заинтересираат“, посочи Царовска.

На учениците им се здодевни содржините во застарените и неприлагодени учебници, кои не можат да го задржат нивното внимание. Нивниот свет се дигиталните уреди, тие постојано се изложени на анимација, но таа не може да се постави во печатен учебник.

Од друга страна, реформата не значи исфрлање на учебникот, и како што нагласи Царовска, тоа е погрешна слика што некој се обидува да ја постави. Министерката ги повика родителите да се информираат и детално да ги следат одговорите на прашањата што ги пласира Министерството за образование и наука, како надлежна институција и да не подлегнуваат на партиски манипулации на социјалните мрежи.

„До лани, главна дискусија меѓу родителите беше тежината на ранците и на секоја родителска средба се дискутираше како да ги спасиме учениците од тешките ранци со неквалитетни учебници, коишто се непотребни. Дигатилизацијата е едно од решенијата за тоа. Но, учениците добиват и можност да добијат хартиена верзија, аудио верзија, верзија на Брајово писмо, што за прв пат се поставува, за да можат сите ученици да имаат пристап. Со дигитализацијата и помалубројните етнички заедници ќе добијат учебници на мајчин јазик. Тие до вчера немаа учебници затоа што некој немал интерес да им ги испечати, не му било исплатливо, но со дигитализацијата тие ќе бидат достапни на сите јазици“, рече министерката.