„Имаме оптимистичко, но и песимистичко сценарио за намалувањето на приходите во буџетот. Но, сметам дека во суштина се движиме во рамки на очекуваното, како приходна страна. Очекувам овој пад на приходите се надмине кога економијата ќе се рестартира. Ќе има намалување, но се уште е рано да се зборува колкав ќе биде падот на БДП, посебно по сектори“, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, на заедничката прес конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми, за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заменикот министер и дополнителната министерка за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и Санела Шкријељ, на која се презентираа мерките за заштита на граѓаните и компаниите од последиците на Ковид-19.

Таа додаде дека државните инспекторати постојано се на терен за да обезбедат почитување на владините одлуки, заштита на правата на потрошувачите и на работниците. Во изминатиот месец се направени вкупно 33.173 надзори, Државниот инспекторат за труд веќе има издадено 37 решенија за 28 фирми, со што на работа се враќаат 140 вработени кои неправично добиле откази.

Министерот Димковски посочи дека по надминувањето на здравствената криза предизвикана од коронавирусот, земјоделството како сектор и производството на храна, ќе бидат исклучително важни за економијата.

„Мерките се со цел земјоделците да можат непречено да ги продолжат започнатите земјоделски активности, да произведат повеќе, да имаат пласман, да ги покријат загубите каде што е потребно и успешно да ги реализираат започнатите инвестиции. За таа цел ги ставивме во мирување роковите за сите јавни повици за поднесување проекти и реализација на инвестиции од Националните програми и од ИПАРД 2 програмата“, потенцира министерот.

Министерот за образование и наука Арбeр Адеми посочи дека МОН заедно со сите други институции во областа на образованието и со голема поддршка и помош од другите ресори, но и домашни и странски партнерски организации, како УНИЦЕФ, максимално се посветија воспитно образовниот процес на младите да продолжи на најдобар можен начин согласно околностите.
Според заменикот министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, се релаксираат критериумите и начинот на остварување и користење на Правото на гарантирана минимална помош и дека со воведените измени се овозможува брза реакција на системот на социјална заштита на материјално необезбедените домаќинства.

Санела Шкријељ рече дека со воведените измени на Уредбата за примена на ЗСШ, се продолжува користењето на правото на надоместокот поради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице додека трае вонредната состојба, без посета на Комисијата и издавање на конзилијарно мислење.

„МТСП ја зголеми достапноста на сервисите за жртвите од семејно насилство кои можат да се обратат за помош во центрите за социјална работа и сервисите кои ги покриваат сите региони, како и на бесплатните телефонски СОС линии, а непречено можат да одат и до најблиската полициска станица“, нагласи Шкријељ.