fbpx

ЦУП: Во државата секој може да биде директор, 40 проценти се „вршители на должност“

Од 274 директори и нивни заменици, 105 се именувани како В.Д., што значи дека веројатно и тие минимум услови за именување уредени во законот, се заобиколени, се вели во Извештајот од следењето на управувачките структури во институциите од јавниот сектор на ЦУП

-

Со 40 проценти од институциите, наместо директори, раководат вршители на должност (в.д. директори), стои во Извештајот од следењето на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, подготвен од Центарот за управување со промени (ЦУП), кој беше презентиран денеска. Во него се вели дека при именувањето на в.д. директорите, кандидатите не е нужно да ги исполнуваат ниту минимум законските услови кои ионака се премногу општи.

„Вршителите на должност се преодно решение до изборот, односно до именувањето директор и тоа најмногу до 6 месеци. Од вкупниот број на 274 директори и нивни заменици, 105 се именувани како В.Д., што значи дека веројатно и тие минимум услови уредени во законот, а кои опфаќаат државјанство, високо образование, работно искуство, неосудуваност и меѓународен сертификат за познавање странски јазик, се заобиколени“, стои во анализата.

Директорката на центарот, Неда Малеска Сачмаровска, вели дека ваквата состојба најмногу е последица од политичките пазарења. Според неа, вршителите на должност се назначени главно бидејќи дел од нив не ги имаат потребните компетенции за да аплицираат на јавните повици, главно поради непознавање странски јазици.

„Не успеваме да воспоставиме „мерит“ систем во тој дел. Законот за висока раководна служба долго време е во кулоарите на институциите. Објавен е на ЕНЕР но не е во никаква процедура, а тие политички пазарења влијаат бидејќи во принцип понатаму нема начин како да се проверат компетенциите и квалификациите кога вие веќе ќе ги распределите позициите по основ на некаков коалиционен договор“, вели Малеска Сачмароска.

Фото: Принтскрин

Во извештајот на ЦУП стои дека 7 директори, на пример, се именувани без да ги исполнат основните законски услови, односно немаат ниту високо образование. Шест директори се со средно образование, а еден со вишо.

Понатаму, во извештајот се вели дека никој не врши евалуација и оценка на работата на директорите, ниту пак има постапка за управување со ефектот од нивната работа. Законите пак, дозволуваат секој профил на кадар да може да биде именуван за директор, без оглед на видот на образованието.

Фото: Влада на РСМ

Извештајот од истражувањето на центарот исто така покажува дека 423 институции во земјава имаат надзорни и управни одбори. Секоја година членовите на овие одбори чинат најмалку 2 милиони евра. Во исплаќањето на нивните паушали се бележи пад од периодот помеѓу 2015 и 2017 година, кога им биле исплатени 2,5 милиони евра. Но, според извештајот, тоа не се должи на намалувањето на паушалите, туку едноставно, надзорните и управните одбори имале помалку седници поради пандемијата од Ковид-19.

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на презентацијата на извештајот и рече дека тој е добра основа за креирање на идни политики, во насока на надминување на утврдените предизвици и слабости бидејќи, како што кажа, од осамостојувањето на нашата држава до денеска не е посветено доволно внимание на мерење на ефикасноста на овие тела, што е клучен принцип за политики за добро владеење.

„Морам да истакнам дека за дел од слабостите што се детектирани во Извештајот од следење на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, што беше презентиран денеска, мојот Кабинет веќе презема конкретни мерки и политики, што за мене е охрабрување дека сме на добар пат. Секако, тоа е резултат и на партнерскиот однос што мојот Кабинет го има со граѓанскиот сектор, на кого јас гледам како на клучен фактор во процесот на подобрување и унапредување на нашето општество“, рече Грковска.

Таа додаде дека во тек се и низа други мерки кои значат зголемување на одговорноста на функционерите, а во насока на унапредување на ефикасноста на институциите.

„На пример, забележан е проблемот со поставувањето на в.д. директори во институциите што, слободно ќе кажам, според мене упатува и на злоупотреби“, рече Грковска.

За таа цел, со поддршка на меѓународните партнери и во соработка со Институтот за демократија во тек е анализа на законската регулатива и на фактичката ситуација, по што ќе се детерминираат слабите точки и ќе се објават конкретни препораки по кои треба да се постапува.

На денешната презентација на извештајот, покрај тимот на Центарот за управување со промени и вицепремиерката Грковска, учествуваа и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, главниот државен ревизор Максим Ацески, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...