Обилните врнежи од дожд во последното деноноќие предизвикаа значително зголемување на водостоите на реките низ земјава доведувајќи до локални излевања, поплавени објекти и одрони на патиштата. Центарот за управување со кризи (ЦУК) ги извести сите надлежни институции, кои веќе преземаат мерки за санација и заштита.

Според информациите од УХМР, во Битолскиот Регион има излевање на реката Шемница кај село Лера, при што се поплавени една куќа и неколку штали. Дополнително, во Општина Новаци, поради надојдената Црна Река, во прекин е патот кон рудникот Брод–Гнеотино. Во Преспанскиот Регион регистрирани се поплавени куќи поради излевање на реките во селата Царев Двор и Дрмени. Постои и опасност од излевање на Голема Река.

Охридскиот Регион, како што велат од ЦУК, исто така, се соочува со значително покачени водостои, излевања на повеќе места и ризик од поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река. Во Велешкиот Регион, реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица. Регистрирани се и одрони и паднато дрво на два патни правци.

Кратовски Регион има зголемени водостои, но без штети. Исчистен е одрон на патниот правец Страцин – Пробиштип. Во Скопскиот Регион, како и Тетовскиот засега има само зголемено ниво на речните корита, без пријавени излевања.

Од УХМР предупредуваат дека висок водостој е забележан на реката Сатеска во Охридско. Најмногу врнежи во изминатото деноноќие се измерени во Претор – 66 литри на квадратен метар, Крушево – 37, Битола – 30 и во Прилеп имало 26 литри на квадратен метар. ЦУК информира дека сите надлежни служби се на терен и се преземаат мерки за заштита на населението и инфраструктурата.