Мапата која покажува метеоролошки индекс на опасност од пожари, а која ја објави Центарот за управување со кризи (ЦУК), освен во централна Македонија и регионот околу Куманово, и другиот дел од територијата на земјава е под висок ризик од пожари. Засега, како што покажува мапата, безбедни се подрачјата околу Шар Планина.

„Метеоролошкиот индекс на опасност од пожари се пресметува врз основа на податоци од автоматските метеоролошки станици на Управата за хидрометеоролошки работи, а вклучува параметри како температура на воздухот, релативна влажност, брзина и правец на ветерот“, велат во ЦУК.

Како што  оттаму појаснуваат, ризичните точки се утврдуваат врз основа на сателитски сензори кои укажуваат на потенцијални активни пожари или извори на топлина.

Вчера имаше голем пожар над селото Николиќ, на само неколку стотина метри од куќите во селото. Од Стар Дојран, вчера попладне можеа да се забележат пламени јазици како беснеат на ридот над селото, а подоцна, во текот на ноќта, пожарот беше ставен под контрола.

Пред два дена, Владата прогласи кризна состојба во траење од еден месец поради пожарите, со што се овозможи интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури.

„Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури. Ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението. Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението“, рекоа во Владата.

Во пожарите во последниве денови настрадаа две лица. Вчера МВР информираше за лице пронајдено починато во близина на пожар во село Лозаново, а пред неколку дена, оттаму информираа за пронајдено тело во општината Ѓорче Петров, за кој се претпоставува дека изгорел во пожарот кој избувнал на тоа место.