Екипа од Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово денеска излезе на терен за да ја утврди состојбата по појавеното лизгање на земјиштето во селото Голема Речица, на локалитетот Бањиче, информираат од центарот.

Теренскиот увид, предводен од раководителот на РЦУК – Тетово, опфатил детална процена на условите на теренот, промените во земјишната структура и можните ризици за околните објекти, инфраструктурата и населението. Од увидот биле евидентирани видливи поместувања на земјени маси, кои, како што наведуваат, ќе продолжат да се следат со зголемено внимание во наредниот период.

За состојбата, РЦУК – Тетово навремено ги информирал Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово, Општина Тетово и СВР Тетово со цел навремена координација и преземање соодветни мерки.