Објавата го злоупотребува името на Црвениот крст и води до лажна страница која нуди попуст за наводен лек за болки во грбот и зглобовите. Во рекламата се бара да се пополни анкета за да се добие лек со голем попуст, што е типична измама со цел да ги наведе граѓаните да ги остават личните податоци, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме интегрално:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која рекламира лек за болки во грбот и зглобовите наречен Bone Control, со попуст од 50 проценти и притоа го злоупотребува името на Црвениот крст, нудејќи наводна „помош преку специјална програма“.
Фондацијата на Црвениот крст бара 500 лица за лекување на зглобови под квота. Внсете ја вашата возраст и започнете со третманот, се вели во објавата на Фејсбук.
А, откако ќе се кликне на самата реклама се отвора страница на којашто пишува:
Добијте помош во лекувањето на грбот и зглобовите преку социјалната програма ‘ПОМОШ’.
Можете да го добиете лекот Bone Control за 1200 MKD, преку програмата «ПОМОШ» за населението на Македонија.
Но, ова е измислица. Ваква објава – повик нема на официјалната веб-страница на Црвениот крст на Р.С. Македонија. Таква вест нема пренесено ниту еден медиум, а не може да се најде ниту информација за тоа дека пристигнала некаква медицинска помош за лекување на грбот и зглобовите.
Исто така, Црвениот крст на С. Македонија не е „Фондација“, како што пишува во објавата, туку хуманитарна организација.
Црвен крст на Република Северна Македонија е хуманитарна организација која работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедувајќи почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнува доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост, пишува на веб-страницата на Црвениот крст
Со блиц анкета до „дијагноза“
На самата објава има линк кој води до анкета со следните прашања во кои се забележуваат јазични грешки:
- Дали досега сте добиле бесплатна помош од меѓународна здравствена организација?
- Чувствувате ли болка во грбот или зглобовите при движење?
- Во која делот на телото најчешто се осеќа болка?
- Колку често чувствувате болка?
- Кои други симптоми ги имате?
- Дали претходно сте користеле лекови за лекување на зглобовите?
По пополнувањето на анкетата, корисниците добиваат одговор дека:
Според резултатите од тестот што го направивте, откриени се сериозни проблеми. Треба да се обрати внимание на ризикот од заболувања:
артроза, болести на внатрешните органи, артритис, подагра.
Меѓутоа, зачудува експресното добивање „резултати и дијагнози“ за сериозни здравствени проблеми, како „артроза, артритис, подагра…“, до кои не би можело да се дојде за само неколку минути преку кратка анкета од неколку прашања и без присуство на доктор. Интересно е и тоа што независно од дадените одговори во анкетата, процентите за секое од заболувњата кои се „дијагностицираат“ со неа секогаш се исти: артроза 66%, болести на внатрешните органи 44%, артритис 64%, подагра 51% .
На крајот од анкетата, корисниците се наведуваат да внесат лични податоци, како името и телефонски број, за да го купат гелот „Bone Control“ кој наводно чинел 2.400 денари, ама со попуст од 50 отсто, ќе го добијат за 1.200 денари. Значи „лекот за грбот и зглобовите“, всушност е гел, и не се наведуваат конкретни податоци за неговиот состав, ниту релевантни докази за ефикасноста. Нема ниту официјални истражувања од здравствената и научната заедница, мислења од еминентни доктори кои би ја потврдиле ефикасноста на овој чудотворен лек.
На страницата има и лажни сведоштва – коментари кои тврдат дека производот е ефикасен и дека многу луѓе веќе го користат. Паѓа в очи и тоа што во сведоштвата се наведува дека лицата се на возраст од 65, 48, и 60 години, а на сликите се прикажани личности во своите 20 -ти или 30 -ти години. Ова е уште еден сигнал дека е во прашање измама. Фактички, самата објава е измамничка, освен што ги изложува корисниците на финансиски трошоци (чајот чини 1.200 денари), има за цел да ги злоупотреби и нивните личните податоци.
Форматот на оваа измама е многу сличен на лажните реклами во кои се нудат волшебни лекови, за кои пишувавме во нашите претходни текстови.
Поради изнесените факти погоре оваа објава ја оценуваме како невистинита.