Срската граѓанска организација, Центар за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) објави дека по 28 часа, полицијата ги напуштила нивните канцеларии и однеле 8.500 страници копиран материјал.
Неколку часа претходно, тие на социјалната мрежа X известија дека полицијата веќе 24 часа е во нивната канцеларија бидејќи долго трае копирањето на проектната документација, која е опсежна.
„Ние документираме сè, детално и според закон (проектни, донаторски, ревизорски и финансиски извештаи…). Можеби никој не се надеваше дека имаме толку документација“, напишаа од ЦРТА.
UPDATE: Već 24 sata policija je u našoj kancelariji.
Dugo traje kopiranje projektne dokumentacije koje ima baš, baš mnogo.
Mi sve detaljno i po zakonu dokumentujemo (projektne, donatorske, revizorske i finansijske izveštaje…). Možda se niko nije nadao da imamo toliko… https://t.co/72wBSMRWuR
— CRTA (@CRTArs) February 26, 2025
Голем број полицајци вчера влегоа во канцелариите на пет невладини организации и побараа пристап до финансиската документација.
Како што објави српски КРИК, главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, објасни дека испратил полиција до невладини организации, вклучително ЦРТА, Граѓански иницијативи, Центарот за практична политика и Фондацијата Траг, за да истражат како овие организации трошат пари од Агенцијата за меѓународен развој на САД, USAID.
Стефановиќ изразил сомнеж дека на овој начин овие организации „перат пари“, но и „бесцелно ги трошат парите на американските даночни обврзници“. Изјавата на Стефановиќ сугерира дека никој од Америка не ја побарал оваа истрага, туку дека тоа е направено самоиницијативно од српското обвинителство.
Обвинителката која Стефановиќ ја определил да го води овој случај, сепак и самата учествувала во проект на УСАИД, открива КРИК.
Обвинителката на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, Јелена Милутиновиќ Жиљкиќ била учесник во проект финансиран од УСАИД. Оваа американска агенција го финансирала нејзиното службено патување во Италија во јуни минатата година, кое обично вклучува плаќање авионски билет и друг превоз, хотели и дневници.
Милутиновиќ Жиљкиќ не сакала јасно да одговори на прашањата на новинарите на КРИК во врска со службеното патување што ѝ го поставиле во телефонски разговор.
„Не бев приватно, пак отидов, иако отидов – поминав низ Вишото јавно обвинителство во Белград, па ПР службата е адресата каде ќе добиете одговори на прашањата“, кратко изјавила Милутиновиќ Жиљкиќ.