Црна Гора ни го нуди своето искуство за формирање Фонд за животна средина

Расфрланиот отпад кај Визбегово; Фото: Мета.мк

Во Црна Гора веќе две години функционира Еко-фонд, а своите искуства за неговото формирање ѝ ги нуди и на С. Македонија. Примарната функција на Еко-фондот е да обезбедува финансиски средства за реализација на проекти, програми и активности насочени кон постигнување систематско и сеопфатно зачувување на квалитетот на сите еколошки компоненти, биодиверзитетот, рационално користење на природните ресурси и енергијата како основни услови за одржлив развој.

Оваа балканска земја уште пред четири години донела одлука за формирање Еко-фонд, кој веќе две години е во функција. Земјава, пак, иако пред две децении беше лидер на Балканот со формирање на свој Фонд, сè уште не ги почнала подготовките.

Домашните еколошки организации веќе подолго време се залагаат за враќање на оваа институција. Јавната кампања за воспоставување Фонд за животна средина во земјава ја спроведува Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“. За тоа, сметаат тие, потребна е силна политичка волја бидејќи Фондот, во кој би се слевале парите од еколошките такси и надоместоците што ги плаќаат граѓаните и фирмите, треба да обезбеди поголеми инвестиции во животната средина. Во моментов, средствата од овие такси одат директно во државниот буџет и не се трошат за она за што во суштина и биле собрани.

Според Лидија Шкатариќ, раководителка на службата за проекти на енергетска ефикасност и ОИЕ во Еко-фондот, искуствата од Црна Гора треба да бидат искористени и кај нас. Таа вели дека Еко-фондот во Црна Гора своите активности ги врши во соработка со органите на државната управа, локалните самоуправи, стручните и научните институции и со граѓанскиот сектор.

„Главната цел е остварување на основното право на граѓаните на чиста и здрава животна средина. Со кофинансирање проекти и програми за заштита на животната средина, климата и енергетската ефикасност, Еко-фондот ќе стане еден од двигателите за посилен економски и инфраструктурен развој на Црна Гора, со транспарентност и ефикасност во процедурите за обезбедување, управување и користење на средствата“, посочува Шкатариќ.

Милија Чабаркапа е извршна директорка на невладината организација „Еко-тим“ од Црна Гора, која работи на проекти поврзани со заштитата на водите, со фокус против изградбата на мали хидроцентрали. Таа смета дека Фондот, во чие формирање учествувале и тие, ќе помогне во реализирање на нивните проекти и борбата против уништување и неконтролирано искористување на природните ресурси.

„Главниот предизвик на Еко-фондот е да ги обезбеди континуираните приходи неопходни за негово функционирање. Средствата за финансирање на Еко-фондот се обезбедуваат од буџетот на Црна Гора, од еко-надоместоци, заеми, донации и друг вид помош. Исто така, преку програми и фондови на Европската Унија, Обединетите нации и меѓународните организации, потоа странски инвестиции наменети за заштита на животната средина и други извори во согласност со законот,“ вели Чабаркапа.