По неколкунеделни преговори и речиси пет месеци откако земјата излезе на избори, црногорскиот парламент утрово изгласа нова влада. Црна Гора ќе биде предводена од коалиција на проевропски, просрпски и партии со албанско малцинство, а на чело на новата влада ќе биде поранешниот министер за финансии и поранешен банкар на „Голдман Сакс“, Милојко Спајиќ.
Спајиќ го предводи движењето Европа сега, а со своите 36 години ќе стане најмладиот премиер во Европа.
Новоизбраниот претседател на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ и новото парламентарно мнозинство веќе со свикување на првата редовна седница го прекршија законот и со ставање набрзина во процедура за избор на новата 44. Влада ја игнорираа уставната норма и флагрантно го прекршија Деловникот на Собранието на Црна Гора, пишува црногорскиот весник „Побједа“.
За формирање на новата Влада на Црна Гора „за“ гласале 46 пратеници, 19 гласале „против“, а еден гласал воздржано. Дискусијата во црногорскиот парламент траеше цела ноќ.
„Нашата визија е Црна Гора како Швајцарија на Балканот и Сингапур во Европа“, рече новоизбраниот премиер Спајиќ во парламентот пред гласањето.
Тој ги истакна главните надворешнополитички приоритети на неговата влада, како пристапувањето во ЕУ, продолжување на членството во НАТО, подобрување на односите на Црна Гора со нејзините соседи, како и учество во мултилатерални организации.
Премиерот во заминување Дритан Абазовиќ му ги предаде должностите на новиот премиер Спајиќ, објави Радио-телевизија Црна Гора.
„Како што налагаат демократските манири, примопредавањето на должностите се случи утрово! На новиот премиер и на 44-тата Влада им посакав среќа. Нека Црна Гора секогаш смета само на успеси и нека остане на вистинскиот пат“, рече Абазовиќ.
Последниве години Црна Гора беше погодена од големи антивладини протести и протести за „верска слобода“. Во април годинава, речиси тридеценискиот лидер Мило Ѓукановиќ беше поразен на пресудните претседателски избори.
Денеска во посета на Црна Гора ќе пристигне претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која ќе се сретне со Спајиќ и со претседателот Јаков Милатовиќ, како дел од четиридневната турнеја низ Западен Балкан.