Конечно, по речиси две децении, ќе се одржи попис на населението кој нема политичка димензија, туку е статистичка операција која им е потребна на луѓето, на институциите, на бизнисот и на општеството во целост, соопштија од Цивил – Центар за слобода. Оттаму ја осудуваат политизацијата на процесот, а за повиците на бојкот потенцираат дека се кривично дело.

Цивил спроведува мониторинг на процесот спроведување на пописот уште од денот кога започна процедурата за негово одржување, односно подготовките за Законот за попис на населението, донесен во јануари 2021 година.

На денот на почетокот на пописот, 5 септември 2021 година, тие соопштија дека високо ја оценуваат работата на Државниот завод за статистика и сметаат дека институциите се подготвени, процесот е добро организиран и е во согласност со мерките за заштита од ковид-19.

„Структурите што повикуваат на бојкот на пописот имаат цел да се стекнат со политички профит, на сметка на јавниот интерес. Цивил ја повикува јавноста да го отфрли и осуди таквото несовесно политичко дејствување“, се вели во соопштението.

Тие ги повикаа политичките партии, без исклучок, да го поддржат пописот преку јавни повици и комуникација со своето членство. Исто така, Цивил ги повикува и медиумите и граѓанското општество да помогнат во реализацијата на оваа важна статистичка операција со јавни повици и коректно известување.Оттаму исто така ги повикаа и граѓанките и граѓаните да ја исполнат својата обврска и да учествуваат во оваа статистичка операција.

Додаваат дека нерегуларностите и незаконските дејствија може да се пријават директно во Цивил.