Заврши разговорот со организаторот на затворената група „Јавна соба“, каде се споделуваа интимни фотографии и видеа, како и со еден од администраторите, а по друг администратор се трага, изјави техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, при посетата на Штип.

-По еден од администраторите на групата интензивно се трага. Останува деновиве да се покренат и конкретни кривични пријави согласно Кривичниот законик – рече Чулев.

Палењето на возилата во Штип, според Чулев било посебна тема на разговори со раководството на СВР Штип и новиот началник. Во текот на изминатата 2019 година од опожарените 27 возила, разрешница има само за еден случај.

-Како што бев информиран од колегите, во измината година опожарени се 27 возила, од кои 12 се резултат на намерно палење. Дел се самозапалени, а за дел се врши криминално вештачење од страна на Криминалистичка техника – Скопје. До сега е откриен само еден случај. Во однос на мотивите, како што бев информиран, се работи за чисто криминални мотиви, за пресметки на две криминанални групи, кои се инволвирани во организирана трговија со наркотици – изјави Чулев, кој најави интензивирање на истрагите.

Организирањето на претстојните избори, беше повод за денешната посета на министерот Чулев на СВР Штип.