По објавувањето на фотографии од министерот за внатрешни работи работи, Наќе Чулев, кој на средби со граѓаните заминал со службеното возило и полициска придружба на две други возила, во јавноста беа изнесени информации дека со тоа го прекршил законот и ја злоупотребил позицијата. Чулев негира дека го прекршил законот, а како што изјави денеска во Штип, службеното возило го користел во службени цели на средби со граѓаните, на кои тема биле информирање за придржување кон мерките за заштита од ковид-19 и потенцијалната опасност од предизборен поткуп и протисоци.  

Министерот Чулев објасни дека тој не е на пратеничка листа, ниту учесник во кампања, според тоа, не го крши законот.

– Како министер за внатрешени работи ми следува 24-часовна придружба. Доколку сакам некаде сам да отидам на приватен настан, Уредбата ми го забранува тоа. Значи јас по работно време имам право да заминам на средба со граѓани, каде што ќе им укажам дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите активности за безбедно гласање, без разлика на ризикот од пандемијата и да им укажам на сите оние работи, кое се однесуваат на изборни нерегуларности – изјави Чулев.

По објавувањето на серија аудио и видео снимки во време на предизборна кампања, на кои наводно се гледа или се слушаат челници на политички партии, партиски и владини функционери, министерот Чулев објави дека до сега на разговор е повикан само Ден Дончев. За Дончев службената белешка од разговорот, како што рече Чулев, денеска ќе биде доставена до Обвинителството. За останатите материјали, за другите снимки и другите инволвирани, МВР сè уште нема постапувано, нема повикано никој, но, како што рече полициските службеници ги следат настаните.

– Им укажав на колегите дека ја имаат мојата поддршка, доколку сметаат, без разлика на моментумот дека се работи пред избори и без разлика дали лицето кое треба да биде повикано да даде дополнителни сознанија и информации потекнува од една или друга политичка опција и нивото коешто го имаат тие во општеството, да постапат неселективно и да ги повикаат – кажа министерот Чулев.

Тој го искажа својот став дека во расветлувањето на снимките, засега нема поддршка од другите институции, пред се од Јавното обвинителство, кое е најповикано да постапува.