fbpx

Човек во Австралија починал поради напад од кенгур, а не поради ковид вакцина

-

Постот дезинформира дека се прикрива вистината во врска со настанот во Австралија кога човек починал откако бил нападнат од кенгур и паушално тврди дека тој умрел 24 часа после третата доза вакцина против ковид. Светските медиуми јавија дека роднина на починатиот маж го пронашол со сериозни повреди. На местото на настанот дошла и полиција, бидејќи кенгурот не ѝ дозволувал на амбулантната служба да дојде до повредениот маж, кој починал на лице место. Портпаролот на полицијата изјавил дека полициските службеници биле принудени да го застрелаат кенгурот, затоа што претставувал опасност за медицинските екипи и не им дозволувал да ја вршат својата задача, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека се прикрива вистината кога се објавува дека човек во Австралија починал откако бил нападнат од кенгур.

Ѓаволска работа. Се нешто им е криво, само да се прекрие вистината!! Старецот умрел 24 часа после третата боцка за ковид. Прво рекоа климата е проблем, сега кенгурите, утре кој? Мачките ли ќе бидат Оставете ги животните на раат,тие се Божји созданија,тие не ви се криви за ништо!! Злото доаѓа од Луцифер, преку неговите слуги, се наведува во објавата.

Во прилог на постот е споделена фотографија од вест објавена на Сител, со наслов: „Австралија: Кенгур го убил 77 годишниот сопственик, прв ваков случај од 1936 година”.

 

За каков настан се однесува објавената информација?

Сите светски медиуми на 12 септември 2022 година објавија за необичен настан кој се случил во Западна Австралија, а за кој се пишува и во постот што го рецензираме. Седумдесет и седумгодишен маж (идентификуван е како Питер Идис според „Њујорк Тајмс“) починал откако бил нападнат од кенгур, за кој што пишува „Гардијан“, бил негово милениче. Амбулантна служба и брза помош биле викнати на местото на настанот, односно на имотот на човекот во Редмонд близу Албани, во неделата вечерта. Токму таму, роднина на сега починатиот маж, го пронашол со сериозни повреди. На местото на настанот дошла и полиција, бидејќи кенгурот не ѝ дозволувал на амбулантната служба да дојде до повредениот маж, кој починал на лице место. Портпаролот на полицијата кажал дека полициските службеници биле принудени да го застрелаат кенгурот, затоа што претставувал опасност за медицинските екипи и не им дозволувал да ја вршат својата задача.

Се верува дека кенгурот го нападнал човекот порано истиот ден. Полицијата верува дека дивото животно било чувано како домашно милениче, изјавил портпаролот на полицијата, а пренесува „Гардијан“.

Според „Њујорк Тајмс“, се верува дека ова е прв фатален напад од кенгур во последните 86 години. Според написот, во Западна Австралија има западен сив кенгур, кој може да биде и потежок од 60 килограми. Во Австралија потребна е специјална дозвола за некој да чува диво животно како домашно милениче, а полицијата не одговорила на прашањата дали човекот имал дозвола да го чува животното дома. Тања Ирвин, ветеринарна сестра за диви животни во Центарот за заштита на животни во Западна Австралија, за „Њујорк Тајмс“ изјавила дека властите ретко даваат дозволи за да се чуваат кенгури како домашни животни. Фатални напади од кенгури се многу невообичаени, бидејќи првиот инстинкт на кенгурот е да бега.

Претходно ваков фатален напад од кенгур во Австралија се случил во 1936 година во Нов Јужен Велс кога 38-годишниот Вилијам Круикшенк им подлегна на повредите, кои ги доби месеци порано откако се обидел да спаси две од своите домашни кучиња од огромен кенгур.

Вилицата му беше скршена и се здоби со екстензивни повреди на главата коишто го врзаа за болнички кревет до смртта, извести Сидни Морнинг Хералд тогаш.

Иако смртни случаи по напад од кенгур се реткост, сепак, настани кога луѓе биле повредени од нив не се. Во јули годинава во Квинсленд кенгур нападна 67 годишна жена која се здоби со повреди меѓу кои и скршена нога. Во април друга жена во Квинсленд била турната на земја и изгазена од кенгур додека играла голф. Во март тригодишно девојче доби сериозни исеченици на лицето и грбот по средба со кенгур во Нов Јужен Велс.

Сите светски медиуми базирано на извештаите на полицијата и медицинските екипи, пишуваат и известуваат дека смртта на човекот е настаната поради тешки повреди предизвикани од напад од кенгур. Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, вакцината против ковид-19 не е наведена како причина за смртта, ниту пак, воопшто се спомнува дали бил вакциниран.

„Вистиномер“ не успеа да пронајде ниту еден извештај било од полиција, било од медицинските власти на Австралија, во којшто се пишува за вакциналниот статус на 77-годишниот починат човек, кој се споменува во постот. Така што, нема достапни информации за тоа дали човекот бил вакциниран или не, иако тоа е ирелевантно кога станува збор за причините за смртта, кои се официјално потврдени како повреди со кои се здобил после напад од кенгур. Несреќи се случуваат и кај вакцинирани и кај невакцинирани лица, без притоа да биде оправдано и фактички издржано доведувањето во причинско последична корелација вакцинирањето со несреќата и нејзиниот исход!

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека е невистина дека се прикрива вистината во врска со настанот во Австралија кога човек починал откако бил нападнат од кенгур. Таквата причина е официјално потврдена од полицијата која излегла на лице место, откако роднина на починатиот го пронашол старецот тешко повреден во неговиот дом.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...