Членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски утринава самиот се пријавил во Кривичниот суд Скопје и се повикал на судскиот имунитет. Тој е под истрага и сомнение дека ја злоупотребил службената положба и незаконски легализирал земјиште. Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја потврдуваат информацијата, посочувајќи дека судијата на претходна постапка го одложил рочиштето за да се обрати до Судскиот совет и да побара симнување на имунитетот.

„По добивањето на известувањето за одлуката на Судскиот совет постапката ќе продолжи“, се наведува во соопштението на обвинителството.

Судскиот совет ќе мора итно да заседава, а неговите членови да одлучат за имунитетот на судијата Теофиловски, и тоа во рок од 24 часа по пристигнувањето на предметот.

Теофиловски е првоосомничен во истражната постапка против осум лица, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Обвинителството го товари Теофиловски за бесправна легализација на тениско игралиште на поранешното Тениско спортско Здружение Љуботен од Тетово, каде што тој бил поранешен претседател.

Во истиот случај петмина вработени во општина Тетово вчера беа приведени и по нивното изведување пред суд им беше определена мерка куќен притвор. Од обвинителството и официјално соопштија дека се незадоволни од вчера определените мерки за куќен притвор и мерки за претпазливост за осомничените лица во случајот. Од обвинителството потврдуваат дека до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје доставиле жалби по решенијата на Судијата на претходна постапка.