Чистењето на згурата од топилницата во Велес пред Управниот суд

Иако Кепс Монт Груп сѐ уште има важечка концесија, која трае до 2026 година, не смее да ископува и извезува без да поседува Б-интегрирана дозвола, па на локацијата кај црниот рид во моментов ништо не се работи

Фото: Кепс Монт груп

Чистењето на депонијата со згура од некогашната топилница во Велес заврши пред Управниот суд. Компанијата Кепс Монт Груп се жалеше на решението на Второстепената комисија за одлучување во управна постапка со која се потврди одлуката на општинските власти да не им дадат нова и проширена Б-интегрирана дозвола. Иако компанијата сѐ уште има важечка концесија, која трае до 2026 година, не смее да ископува и извезува без да поседува Б-интегрирана дозвола, па на локацијата кај црниот рид во моментов ништо не се работи.

Концесионерот, што требаше да ја расчисти депонијата и да ја продаде како техногена минерална суровина која содржи 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали, минатата година побара дејноста да се прошири со уште две активности, дробење и мелење на згурата на лице место, заради подобра подготовка за извоз. Општинските власти, пак, на почетокот на годинава одлучија да не ја издадат проширената Б-интегрирана дозвола за компанијата „Кепс Монт груп“ со образложение дека тоа ќе предизвика зголемено загадување и побараа остатоците на депонијата да не се третираат како техногена минерална суровина, туку како опасен отпад. Постапката продолжи пред Второстепената комисија, а сега и пред Управниот суд.

Од Општината велат дека Управниот суд веќе им се обратил и од нив ја побарал документацијата за случајот.

„До општината е пристигнат Допис-Барање списи по предмет поради поднесена тужба против решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во врска со изјавената тужба од страна на тужителот Кепс Монт груп против Решението на Државната комисија“, информираат од Општината Велес.

Од компанијата потврдија дека се жалеле на одлуката на Второстепената комисија и посочија дека до моментов немало закажано рочиште. Тие предходно се жалеа и на одлуката на Општината од која сметаа дека се оштетени. Концесионерот потенцира дека според договорот за концесија на минерална суровина со Министерството за економија згурата се третира како техногена суровина, а нагласува и дека ги има сите дозволи од повеќе институции кои докажуваат дека начинот на третман нема да загадува околината.

Во меѓувреме, црниот рид и понатаму му се заканува на градот и неговите жители. Се претпоставува дека депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која, покрај цинк и олово, содржи и  кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Тешките метали, оставени на отворено без никаква заштита, се разнесуваат со децении наназад, а висината на загадувањето ја докажаа и испитувањата на професорот Трајче Стафилов и Министерството за здравство.

Според анализите на Стафилов направени на прашината во три зони во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон, а особено се високи нивоата на кадмиум во домашната прашина, 21 милиграм на килограм и на кровните греди, 240 милиграми на килограм.

Испитувањата на Министерството за здравство, пак, докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.