Чистењето и извозот на згурата од Топилницата во Велес чека проширување на Б-интегрираната дозвола  

Згурата во велешка „Топилница“ | Фото: „Кепс Монт Груп“, ноември 2020 г.

Концесионерот „Кепс Монт груп“ има рок до јуни да ја комплетира документацијата за поставување на нова линија за дробење на техногената минерална суровина од ридот со згура на некогашната Топилница во Велес. Компанијата од Општина Велес побарала можност за проширување на Б-интегрираната дозвола за поставување на нова инсталација до депонијата со троска, која треба да го забрза и интензивира процесот на извезување на суровината.

Мали количини од троската, во која има од шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид и може да се користи како секундарна суровина, во изминатите две години се извезоа во Србија, Косово и во Турција. Во моментов на локацијата нема активности, а забрзување на ископувањето се очекува годинава.

Од локалната самоуправа велат дека од концесионерот бараат да обезбеди дополнителна документација дека се обезбедени услови на теренот за да може новата постројка безбедно да функционира, пред да се разгледа барањето да се прошири Б- интегрираната дозвола.

Од Општина Велес информираат дека компанијата првото барање на проширување на дозволата го поднела лани со намера да инсталира сепарација од затворен тип. Општината Велес го одбила барањето, бидејќи било непотполно, по што концесионерот се жалел пред Второстепената комисија за одлучување во управни постапки, каде им била уважена жалбата. Сега е поднесено ново барање со подолг рок за обезбедување на потребните документи.

„Теренот на кој се наоѓа депонијата со згура не е испитан и не знаеме што можеме да очекуваме доколку таму се преземат некои активности. Б-интегрираната дозвола како дозволени ги опфаќа само активностите за копање и сепарирање на суровината, која може да се пакува и транспортира за извоз. За да се врши дробење и мелење на суровината потребно е проширување на дозволата и да се обезбеди нова документација“, велат од Одделението за животна средина на Општина Велес.

Концесионерот мора да обезбеди Оценка на влијанието врз животната средина од новите активности, градежна дозвола и Основен проект за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, за да може да се разгледува неговото барање. Во моментов, посочуваат од „Кепс Монт груп“, обезбедувањето на документацијата е во тек.

„Барањето на нашата компанија е да ни биде дозволено поставување на магнетна сепарација која е од затворен тип и е најдоброто решение кое во моментов е достапно од аспект на заштита на животната средина. Таа постројка врши одвојување на металите еден од друг, пред да може да се спакуваат и транспортираат. Веќе се почнати процедурите за обезбедување на потребната документација пред надлежните органи, очекуваме набрзо да ја завршиме целата постапка, по што почнуваме со реализација на извозот со компанијата со која на почетокот на годината беше склучен договор“, велат од „Кепс Монт груп“.

Концесионерот ја доби Б-интегрираната еколошка дозвола од Општина Велес во октомври 2019 година и може да извезува седум години техногена минерална суровина. На депонијата на Топилница се проценува дека има околу 1,8 милиони тони згура. Црниот рид, кој е во непосредна близина на градот, на локацијата „Баш колиби”, е висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри. Иако индустрискиот капацитет одамна не работи, депонијата која сè уште е тука, ја прави Топилница едно од најголемите еколошки историски жаришта во земјава. Особено опасни се остатоците од тешки метали, како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум, кои и понатаму се сретнуваат во почвата и земјоделските култури кои се одгледуваат во овој крај.