Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001,  а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.