fbpx

Чипа: Пандемијата силно ги погоди албанските медиуми, над 40 новинари ги загубија работните места

-

Пандемијата на ковид -19 има големо влијание врз стабилноста на медиумите во Албанија, вели Александар Чипа, претседател на Унијата на албанските новинари. Во интервју за Portalb.mk, Чипа потенцира дека медиумите претрпеле силен удар од пандемијата и финансиските ефекти ќе се почувствуваат уште повеќе во наредниот период од годината. Тој посочува дека над 40 новинари ги загубиле работните места, додека околу 40 отсто од новинарите имале намалување на платите.

Како КОВИД-19 го трансформира новинарството во Албанија?

Една транформација започна прeтходно. Последната деценија беше време на брзо менување на практиките за известување на новинарите и комуникацијата со уредничките структури во целиот мултимедијален спектар. Но, периодот на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 донесе сосема нова ситуација.

Теренските новинари, користејќи експресни комуникациски алатки, ја адаптираа техниката на известување со цел јавноста да биде побрзо информирана.

Социјалните мрежи се користеа како флексибилна и попрактична инфраструктура за новинарите, со што се избегнуваа традиционалните процеси на дистрибуција на вестите и уредничките процедури во редакциите. Како резултат на тоа се зголеми конкуренцијата во известувањето на јавноста, се намножија медиумите и онлајн платформите во Албанија, чиј број достигна околу 800 портали и други различни платформи.

 

Од Ваша гледна точка, дали институциите и компаниите сега објавуваат повеќе податоци на интернет од порано и дали забележавте разлика во квалитетот на податоците и информациите?

Обемот на податоците од институциите и компаниите кои кружат во интернет-просторот значително се зголеми. Но со тоа не се зголеми и нивната транспарентност.  Институциите и компаниите не даваат конкретни и детални информации за трошоците, човечките ресурси, критериумите за вработување и други административни аспекти, па во таква ситуација е многу потешко да се лоцира изворот на одговорност. Се зголеми пропагандата и не се создадоа услови за истражување на теми поврзани со финансиските активности на институциите и компаниите.

 

Каков е Вашиот впечаток – дали довербата на јавноста во известувањето на медиумите е зголемена, намалена или остана непроменета за време на пандемискиот период?

За време на пандемискиот период  се зголеми виртуелната публика и онаа на аудиовизуелните медиуми. Но, од друга страна, се зголеми и недовербата кон онлајн медиумите, бидејќи во Албанија повеќето од нив не се уредуваат од професионални уредници и новинари. Тие се финансирани од лица и интересни групи кои имаат свои лични причини – најмалку четири, за влегување со инвестиции во медиумскиот простор.

Првата е да ги ги користат како алатка за пропаганда, втората – да ги нападнат противниците или ривалите во бизнисот, третата  – да се даде отворена партиска и политичка поддршка и четвртата – да обезбедат за себе неформални придобивки преку уцени, конфронтации, лажни вести итн. Злоупотребата на онлајн медиумите го зголеми хаосот на информации и го погоди кредибилитетот на медиумите и новинарите.

 

Како КOВИД-19 влијаеше врз стабилноста на медиумите и безбедноста при работа на новинарите во Албанија?

-Од пандемијата во Албанија засегнати се околу 12-13 проценти од вкупниот број  медиумски работници. Над 30-40 проценти од новинарите во текот на периодот март-јуни 2020 година претрпеа месечни кратења на платите и финансиските награди. Печатените медиуми престанаа да излегуваат еден месец, а нивните вработени беа  пуштени дома. Медиумската индустрија претрпе удар, а финансиските  ефекти ќе се почувствуваат многу повеќе во текот на следниот период од оваа година. Ваквата состојба и ефектите од пандемијата ќе предизвикаат намалување на новинарскитот кадар, уредничките структури, како и на техничкиот персонал. Од друга страна, секторот за маркетинг и управување со медиумите известува дека станува сè потешко да се почитуваат договорите со деловните компании и маркетинг субјектите.

 

Дали има медиуми кои биле затворени во овој период, дали се намалени платите на новинарите и има ли новинар кој ја изгубил работата?

Има намалување на месечните плати на новинарите за 30 проценти. Некои онлајн и печатени медиуми, како и радио станици, се затворија. Исто така, има и прекинати ТВ-емисии. Според статистиката на Унијата на албанските новинари, околу 47 новинари ги загубиле работните места за време на пандемијата.

 

Кои методи на борбата против дезинформациите се практикуваат во албанските медиуми?

Пандемискиот период донесе нови предизвици и ризици за новинарите. Ги ажурираше старите етички предизвици, но исто така прикажа и нови. Ширењето дезинформации и предизвикување социјална паника и масовен страв се сè почести деновиве. Озборувањата и лажните вести честопати беа објавувани и широко распространети во новите медиуми, за жал и во традиционалните, а не беа избегнати и теориите на заговор. Недостасуваа извинувања и објавувања деманти.

Во неколку случаи се забележани етички прекршоци – незаштитување на идентитетот на луѓе заразени со корона вирусот.

 

Кои се главните извори на дезинформации во Албанија?

Главните извори на дезинформации во овој период беа социјалните мрежи, групите кои ги следат страниците на јавните личности и политичките лидери, како и други категории во сајбер-просторот. Не се исклучени и странски агенти, потоа пропагандните медиуми,  разни интернет страници, како и големата мрежа на анонимни профили.

Дали сега интензитетот на дезинформациите е ист како што беше пред да започне пандемијата и што мислите за видот на дезинформациите кои се шират во овој период?

Мислам дека интензитетот на дезинформациите се зголеми за време на пандемискиот период. Станува збор за дезинформации од различна природа, кои доаѓаат од пропагандните канали на политичките партии или лидери, од онлајн-медиумите финансирани од странски држави. со намера да влијаат врз локалното јавно мислење, од интересни групи и субјекти од разни религиозни и економско-финансиски интереси, како и групи од конкурентни страни во најразлични области на влијание.

 

Какви закани за слободата на медиумите се појавија во текот на пандемијата

За време на овој пандемиски период имаше некои загрозувачки чинови. Организациите на новинари во Албанија речиси шест месеци преку силни реакции и протести  го оспоруваат таканаречиот „пакет против клевета“, којшто Владата го иницираше под изговор за намалување на  „етичкото загадување” во онлајн медиумите, како и електронските медиуми во целина. Овој правен пакет претставува голем ризик за слободата на изразување.

Во овој период имаше и одреден број казни за медиуми и новинари, под изговор за непочитување на социјалното дистанцирање во редакциите и телевизиските студија. Го споменуваме случајот за казни против ТВ Ора. Имаше и најмалку четири случаи на насилство и нарушување на физичкиот интегритет на новинарите кои се обиделе да известуваат од болнички и јавни здравствени установи за случаи поврзани со корона вирусот.

Автор: Дрен Гргури

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...